Во понеделник, на 20 мај, во Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 19.30 часот ќе се одржи Свечено врачување на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Годинашен лауреат е романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“). Одлуката за наградата, која се состои од плакета, оригинална статуетка (изработка на академскиот скулптор Сашо Саздовски) и паричен износ од 150.000 денари, ја донесе жири-комисијата во состав: Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.
Свеченото врачување на оваа значајна награда, која ја започна „Утрински весник“ и ја доделуваше до неговото згаснување, а потоа ја презеде Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе протекне и во знакот на големиот јубилеј, 25-годишнина од нејзиното постоење. Во рамките на свеченоста ќе биде отворена изложба „25 години Роман на годината“ на која ќе бидат претставени сите дела – досегашни носители на ова признание. Станува збор за лична донација на Манчо Митевски на Фондацијата, која се состои од сите нагредени дела со потписи и посвети на авторите. Манчо Митевски е еден од оснивачите на „Утрински весник“ и на наградата „Роман на годината“. Тој беше иницијатор за формирање на Фондацијата „Славко Јаневски“ со цел наградата да може да опстои и натаму.
На свеченоста ќе бидат врачени благодарници на поединци и организации што придонеле за развојот на наградата, ќе бидат емитувани видео материјали за нејзиниот развој, а сето тоа ќе биде проследено со музички настап на џез бендот на Гоце Стевковски.
Во рамките на обележувањето на јубилејот, Фондацијата „Славко Јаневски“, заедно со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ организираше мошне содржајна дебата за македонскиот роман и современите тенденции во светската книжевност. Од Фондацијата најавуваат низа други активности и содржини со кои ќе го обележуваат јубилејот во текот на целата година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.