Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, како организатор на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, изрази благодарност до сите учесници кои се одзваа на Конкурсот за шестото доделување на наградата „Антево перо“, за најдобра необјавена стихозбирка на македонски јазик. Оваа година, на Конкурсот пристигнаа 73 поетски збирки кои имаат најразличен поетски израз, квалитети и трендовска и жанровска разноликост, од автори од Македонија, Италија и Австралија.
Жири-комисијата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател) и д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), во изминатиот период во неколку наврати сукцесивно и темелно ги разгледуваше и анализираше пристигнатите збирки. На својот прв состанок по завршувањето на Конкурсот, по плодната дискусија, жири-комисијата издвои 12 поетски збирки кои се во поширок избор за наградата „Антево перо“ и тоа: Шифра: Magna Mater – „(Ре)инкарнација“, Александар Русјаков – „50 испеани приказни“, Ирена Павлова де Одорико – „Царски рез“, Елизабета Дончевска Лушин – „(не)ПРИПИТОМЕНА“, Коста Бојчески – „До дното“, Љубинка Донева – „Монолог на пирејот“, Милена Сиљаноска – „Болопадание“, Кирил Ангелов – „сновиденија“, Александра Спасеска – „Координати на болката“, Стела (Маја) Босилковска – „Невидлива е војната“, Томе Липовски – „А што да речам“ и Ѓорги Калајџиев – „Петна“. Редоследот на номинираните нема вредносно значење.
Како и минатите години и оваа година жири-комисијата со особено задоволство одвои простор и за младите автори, коишто зедоа учество на Конкурсот што го распишува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО. Во поширок избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, жири-комисијата издвои 5 збирки поезија и тоа: Матеја Талеска – „Улица на соништата“, Ана Ѓорчевска – „Копнеж по тебе“, Емануела Ковачевска Китановска – „Второ детство“, Светла Јакшиќ – „Ноќен суфлер“ и Александра Атанасова – „Душебол“. И во овој случај, редоследот на номинираните нема вредносно значење.
На следното заседание, комисијата ќе го стесни изборот за наградите за што велат ќе следи ново соопштение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.