Од 3-ти до 7-ми август во Битола ќе се одржи 11-то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“, под мотото „Per astera ad astra“ (Патот до ѕвездите е трнлив). Фестивалот за прв пат ќе се одржи во еден нов формат односно претставите ќе се одиграат под отворено небо, на две сцени, на платото на Офицерски дом, дел од „Културен и информативен центар“ во Битола. Фестивалот е во организација на „Бабец театар“, а од оваа година, после 10 успешно реализирани изданија, стана дел од Годишната програма за култура на Општина Битола и ќе биде дел од програмата на Битфест 2022. За успешна реализација на фестивалот со своите капацитети помогнаа Културен и информативен центар и Центарот за култура во Битола. Логистичката поддршка за фестивалот е и од Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР.
„Бабец театар“ и покрај економската и здравствената криза ќе продолжи да создава театарски претстави кои пред се ќе бидат достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои засекогаш ќе останат во сеќавањата на децата. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот тука првенствено мислам на нашите актери од Театарската школа „Бабец“ и на сите деца кои уживаат гледајќи ги нашите претстави. Брендот „Бабец театар“ кој 12 години успеа да опстане како професионален детски театар со 20 премиери и над 45.000 продадени влезници и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (11.500) имаше можност да погледне 64 претстави од 34 театари кои во Битола допатуваа од 24 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата”, велат организаторите.
Бабец театар оваа година доби и официјално дозвола и поддршка од Светската асоцијација на детски театри АССИТЕЖ за формирање на Национален центар „АССИТЕЖ Македонија“ со седиште во Битола.
Оваа година Фестивалот започнува со театарска работилница за изработка на кукли од разни материјали под раководство на актерот Марјан Георгиевски со што се продолжува традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и со театарски јазик ќе ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто. Работилниците ќе бидат на 3-ти и 4-ти август со почеток од 11 часот, на Платото пред Офицерскиот дом.
Честа први да настапат на единаесеттото издание на ИДТФ Битолино ќе им припадне на децата од Театарската школа Бабец со претставата создадена по идеа на Јулијана Мирчевска со наслов „Јас Македонија“. Претставата ќе се одржи на 5-ти август во петок со почеток од 19.30 часот, на платото пред Офицерскиот дом.
Следуваат претстави од Прилеп, Израел, Полска, Чешка, Швајцарија, Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.