Испорака на тенкови „Леопард” од германско производство за Украина не навестува „ништо добро“, предупреди денеска Кремљ, во време кога расте притисокот врз Берлин да дозволи доставување германско оружје на Киев.

Таквите испораки нема да донесат ништо добро за руско-германските односи – рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека тоа „ќе остави неизбришлива трага“.

Полска денеска побара од Германија дозвола да испрати од своите тенкови „Леопард 2“ од германско производство во Украина.

Варшава претходно објави дека е подготвена да испрати 14 тенкови за Киев како дел од меѓународната коалиција, но тоа наиде на колебање во Берлин, кој е под зголемен притисок да ги одобри испораките.

Варшава соопшти дека по однос на прашањето разговара со околу 15 земји од меѓународната коалиција, бидејќи бројни европски армии поседуваат такви тенкови кои би можеле да имаат значително влијание врз украинскиот конфликт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.