Премиерот Димитар Ковачевски, кој предводи владина делегација во Њујорк, денеска присуствуваше на отворањето на 77-то Генерално собрание на Обединетите нации, чија годишна генерална дебата е посветена на тема „Tрансформативни решенија на испреплетени предизвици“, со фокус на решенијата кои земјите ќе ги изнајдат преку солидарност, одржливост и наука.

Ковачевски во рамките на посетата на Њујорк ќе има и неколку билатерални средби и предавање на Универзитетот Колумбија.

Владината делегација во Њујорк ја сочинуваат министерот за надворешни работи Бујар Османи, постојаниот претставник на земјава при Обединетите нации во Њујорк, Љубомир Фрчковски и советник за надворешни работи на премиерот Едмонд Адеми.

Генералната дебата ја отвори генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш во присуство на лидерите и делегатите од земјите членки на Организацијата на Обединетите нации. Главен фокус на отворањето беше позицијата и повикот за заедничкото делување и дијалог како единствениот начин кој ќе овозможи развој. Воедно, беше посочено дека ниту еден глобален предизвик, не може да се реши без здружени напори на сите земји и чинители, соопштија од Влада.

Од владината прес-служба информираа дека покрај присуството на генералната дебата на Генералното собрание на ООН, денеска попладне премиерот, заедно со останатите негови колеги од земјите од Западен Балкан ќе присуствува и на работен ручек, организиран од високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.

За утре е предвидено претседателот на Владата Димитар Ковачевски да се обрати на состанок по повод 30 години од Декларација за малцинските права, а на 24 септември ќе говори на Генералната дебата на Генералното собрание на ОН.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.