Македонците имаат среќа што се населени на целата жица на скапоцени метали како бакар, злато и сребро и тие се генерално во планините, а не во полињата, велат експерти, кои не го делат мислењето со дел од еко-активистите и со министерката за животна средина Каја Шукова во однос на отворањето на рудникот за бакар „Иловица-Штука“,  пишува Плусинфо.

Тие се зачудени како може министерката Шукова со завршен Технолошко–металуршки факултет, да изјавува дека земјоделието е главна економска гранка во Македонија, посебно во струмичкото поле и во Тиквешијата.

– Нелогично е да се каже дека „нема да се даде земјоделието“ кое е во целосен колапс и земјава е речиси целосно увозно зависна, а да се лежи на милијарди евра. Проценка е дека 18 милијарди евра лежат во првично истражената руда на скапоцени обоени метали во земјава. Министерката Шукова ги помешала процесите што се употребуваат во рударството и би требало да знае дека сите предвидени процеси за рудникот за бакар во Иловица се металуршки, екстрактивни и со минимален ризик за животната средина – велат рударско-металуршки инженери.

„Иднината поткрепена со наука предвидува извлекување на злато без употреба на цијанид и жива, односно со употреба на тиосулфат. Тоа е еколошки далеку помалку штетна хемикалија која има јасни предности посебно во делот на намалување на ризиците кон животната средина, во делот на касетно одлагање на суви јаловишта“, објасни инженерот Виктор Грозданов во една од своите колумни.

Употребата на цијанид во Македонија е веќе забранета и со измените во Законот за минерални суровини од 2019 година, но таму се наведува дека ваквото правило не важи и за веќе отворените рудници. Додека во струмичкиот регион се организираа протести против отворањето на рудникот за бакар „Иловица-Штука“ под изговор дека ќе се употребува цијанид, иако тоа е забрането со закон, во јавноста владее молк за некои рудници кои наводно секојдневно во земјава ја употребуваат оваа опасна за ракување хемикалија.

– Крајно симптоматично е што на најгласните противници на изградбата на рудникот Иловица, кој според сите најави на концесионерот, би се градел според најсовремени технологии, не им пречи рудникот Бучим, каде се експлоатира бакар. Никој од активистите кои бараат Владата трајно да ги одземе концесиите за Иловица никогаш не протестирал и не побарал рудникот Бучим да престане со работа – велат инженери.

Од компанијата Бучим побаравме одговор дали во процесот на експлоатација на бакарот некогаш користеле цијанид, но оттаму до објавување на текстот на добивме одговор.

Како што веќе објавивме деновиве, „Солвеј инвестмент груп“, преку компанијата „Бучим“ во Радовиш, во 2019 година испратилa понуда до компанијата „Еуромакс рисурсис“ да се вклучи во проектот. Тогаш „Солвеј“ јавно соопшти дека нивната понуда е „единствената остварлива краткорочна можност да се добие проектот Иловица-Штука одобрен од Владата на Македонија и да биде поддржан од локалната заедница и еколошките групи“. Тие ветиле „изводливо решавање на еколошките и социјалните прашања со кои се соочи проектот“ преку обработка на јаловината од Иловица во Бучим.

Од иницијативата „И здравје и работа“ истакнаа дека поради агресивноста на неколкумина добро мотивирани гласни противници на изградбата на рудникот во Иловица, локалното население и генералната македонска јавност нема еднаков пристап до сите релевантни информации. Тие повикаа „сите еко-активисти за кои има достапни информации дека работат за интереси на други рудници од Македонија, политички романтичари од СДСМ и некои други партии и други држави-непријатели на НАТО да бидат соодветно неутрализирани“.

Иницијативата „И здравје и работа“ инсистира на одговори на прашањата „кој има фирма која работи за потребите на еден рудник за експлоатација на бакар оддалечен на помалку од 50 км од општините Босилово, Ново Село и Струмица и дали е точно дека ако се отвори Иловица-Штука претходно опишаниот рудник за експлоатација на бакар ќе претрпи сериозни финансиски штети?“.

„Еуромакс ресурсис“, носителот на концесијата во Иловица е канадска корпорација во која „Трафигура“ како светски рударски гигант во рударската индустрија, е еден од главните акционери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.