Со блокирање на патот Струга – Дебар, кај местото викано кореа, жителите на струшкото село Лабуништа денеска го искажаа револтот против отпочнувањето со работа на два од деветте каменоломи во селото.

Побараа од Владата и Министерството за економија да им ги одземе концесиите и двајцата концесионери да престанат со ископите, кои, како што тврдат го загрозуваат нивното здравје, за тоа доставиле и докази во кои, според нив, има основ за одземање на концесиите еднострано. Доколку институциите не преземат соодветни мерки најавија радикализација на протестите и не пуштање на децата во училиште во второто полугодие.

Јасмин Ќазимоски од Месната заедница Лабуништа тврди дека Министерството за економија и Владата се детално запознаени со проблемот. Со одлука на Влада во 2020 година беа укинати концесиите за сите каменоломи, но Управен суд со пресуда ги вратил концесиите на двајца концесионери.

– Бараме од Министерството за економија повторно да постапува по нашите барања, но бидејќи нивниот интерес е многу мал, ние како Месна заедница и здружението Натура Лаб обезбедивме сериозни докази за повеќе прекршувања на законите за минаерални суровини и за концесии, вели Ќазимоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.