Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека во време кога Железницата во Македонија е во екстремно лоша состојба, за што сведочат честите штрајкови поради неисплатени плати, намалениот обем на работа во товарниот сообраќај, укинувањето линии, преполовениот број локомотиви и слично, од власта одлучиле да вработуваат нови 80 партиски војници во претпријатието.

Од партијата истакнуваат дека не би било никаков проблем да се барале стручни кадри и да имало зголемен обем на работа, но наместо тоа станува збор за непродуктивни партиски војници, за кои, како што велат, гласно се зборува дека нема да одат на работа, а ќе земаат плата.

Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ ја пренесуваме во целост.

„Во изминатиов период постојано слушаме за лошите состојби во единствениот железнички оператор во нашава држава МЖ Транспорт АД. Нема месец да не помине, а да нема штрајк на вработените за неисплатени плати. Претпријатието е во големи долгови со намален обем на работа во товарниот сообраќај, а во патничкиот постојано се укинуваат возни линии. Возовите за Кочани и Кичево веќе една година се укинати, а пругата на тие релации е оставена на милост и немилост на забот на времето. Бројот на расположливи локомотиви и возови е преполовен и постојано се намалува. Со еден збор ситуацијата во железницата никогаш не била полоша.
И покрај ваквата лоша општа ситуација, претпријатието продолжува да се полни со нови партиски вработувања.

Деновиве на неговиот сајт осамна оглас за нови 80 вработувања. И се ќе беше во ред ако претпријатието имаше зголемен обем на работа и ако се бараа стручни кадри од областа, а не непродуктивни партиски војници, за кои гласно се зборува дека нема да идат на работа, а ќе земаат плата. Во едни вакви лоши финансиски услови, наместо да се штеди и да се намалат расходите претпријатието дополнително се оптоварува со нови трошоци.

Да се потсетиме какви ветувања СДСМ даваа пред да дојдат на власт:

 

Ветуваа изградба на пругата кон Бугарија – НАПРОТИВ, ЈА СТОПИРАА,

 

Ветуваа изградба на пруга кон Албанија – НЕ ЈА НИ ЗАПОЧНАА,

 

Ветуваа проектна техничка документација за реконструкција на железничката пруга Скопје – Кичево – НИШТО НЕ НАПРАВИЈА,

 

Ветуваа пуштање во сообраќај на пругата Битола-Кременица – СЕУШТЕ НЕ Е ПУШТЕНА,

 

Ветуваа брза пруга за возовите по коридорот X – СПРОТИВНО НА ТОА ДОПОЛНИТЕЛНО ГИ УСПОРИЈА,

 

Ветуваа приградски патнички железнички сообраќај околу Скопје – НЕМА ПРИГРАДСКИ ЖЕЛЕЗНИЧКИ СООБРАЌАЈ, НАПРОТИВ ЖЕЛЕЗНИЧКИ ЈА ИЗОЛИРАА МАКЕДОНИЈА,

 

Ветуваа ремонти на локомотиви и возови – СПРОТИВНО НА ТОА И ПОСТОЕЧКИТЕ ГИ УНИШТИЈА И ПРЕПОЛОВИЈА,

 

Ветуваа почеток на изработка на проектна техничка документација за електрифиција на пругата Скопје – Блаце (граница со Косово) – НИШТО НЕ ЗАПОЧНАА,

 

Ветуваа набавка и инсталација на опрема за европскиот систем за контрола на возовите – ETCS (т.н. автоматска регулација на брзината на возовите) – НИШТО НЕ НАПРАВИЈА

 

Ветуваа проектна техничка документација за изградба на нова пруга Миладиновци до аеродромот TAV Петровец – НЕ ЗАПОЧНАА ВАКОВ ПРОЕКТ

 

Ветуваа осигурување на патните премини – НАПРОТИВ ОД ПОСТОЕЧКИТЕ ГОЛЕМ ДЕЛ СЕ НЕФУНКЦИОНАЛНИ.

 

Ветуваа завршување на ремонтот од Ногаевци до Неготино – НЕ ГО ЗАВРШИЈА.

Очигледно е дека оваа Влада сега предводена од ДУИ, а администрирана од СДСМ ниту има волја, ниту има капацитет да се справува со предизвиците на железничкиот систем во нашата држава. Не грижата кон железниците, предизвикува непоправливи штети и го загрозува безбедното одвивање на железничкиот сообраќај. Македонија никогаш не била во полоша состојба во делот на железничкиот сектор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.