Здружението на оштетени штедачи преку соопштение до јавноста велат дека прва авансна распределба кон доверителите физички и правни лица, случајот наречен Еуростандард банка е далеку од завршен.

„После речиси две години, стечајната постапка на Еуростандард банка дојде до првата авансна распределба кон доверителите физички и правни лица. Во стечајната маса се собраа вкупно 50 милиони евра, кои се во постапка на исплата. Судскиот процес, почнувајќи од одлуката на Уставниот суд за укинување на приоритетното место за наплата на Фондот за осигурување на депозити, преку постапките што се водеа во Основниот и Апелациониот суд Скопје, резултатираа со крајна одлука да поголем дел од физичките лица доверители, оние чии депозити биле осигурани согласно закон, бидат обештетени во целост преку сегашната прва аванска распеделба од стечајната маса. Додека еден дел од физичките лица и сите правни лица доверители во банката се обештетија делумно, околу една третина од нивните депозити. Или, преку бројки, нешто повеќе од 500 физички лица ги добиjа назад своите заробени депозити во целост, додека останатите, повеќе од 100 физички лица и околу 2.000 правни лица, заедно со Фондот за осигурување на депозити како најголем доверител, останаа и понатаму да ги побаруваат своите депозити во стечајната постапка на Еуростандард банка.

Но не би бил овој прв успех возможен без активната поддршка на медиумите кои несебично го помагаа Здружението „Правда за штедачи“ преку објавите кои ги споделувавме во изминатите неполни две години од затворањето на банката. Бевте со нас секогаш кога требаше, да ги пренесете во целост нашите заложби за правично и праведно решавање на стечајот на Еуростандард банка. Таа мисија, која е од јавен интерес, несебично ја извршувате, за што сме ви многу благодарни. Со други зборови, без вашата поддршка овој првичен успех немаше да биде возможен.

Но, состојбата во стечајната постапка на Еуростандард банка е далеку од розова. Официјалниот извештај за банката на денот на нејзиното затворање во август 2020 година вели дека во банката имало кредити во износ од 99 милиони евра, од кои околу 58 милиони евра ненаплатливи и тешко наплатливи кредити додека останатите 41 милиони евра биле редовни кредити. Во банката имало и околу 25 милиони евра во парични средства за резервации за лоши пласмани, кои заедно со наплатените дополнителни 25 милиони евра, најмногу од кредити кои можеле да се наплатат во текот на минатите две години, ја сочинуваат првата авансна распределба од 50 милиони евра. Реалната состојба е таква да понатамошните приливи во стечајната маса се многу мали, а тоа ја прави понатамошната наплата многу неизвесна и крајно дискутабилна за сите оние кои останаа доверители во стечајната постапка на банката. Со други зборови, тие правни и физички лица должници кои можеле и сакале да ги вратат кредитите го направиле тоа до сега, додека недостатокот од оние 58 милиони евра нефункционални кредити, дадени и поделени на вересија и врз основа на измислени критериуми од страна на менаџментот на Еуростандард банка, и понатаму не можат да се вратат во банката. За тоа сведочат и многуте затворени или во стечај однесени фирми должници, каде остануваат ненаплатени речиси 60 отсто од кредитното портфолио на Еуростандард банка.

Затоа, ја очекуваме поддршката од медиумите и во наредниот период. Затоа што случајот наречен Еуростандард банка е далеку од завршен. Очекуваме вистината за банката и правдата за оштетените депоненти да бидат наскоро обзнаени и во постапката која ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, коешто има започнато истрага за Еуростандард банка уште во февруари минатата година. Затоа што разрешување на прашањата за сторениот организиран криминал во банката ќе помогне не само на доверителите во банката, туку и ќе испрати јасна порака до сите останати банки и други финансиски институции како не треба да се работи и управува со банка. Тоа, впрочем, е од голем јавен и општествен интерес.

На вас, медиумите, искрено ви благодариме, до сега и од сега“, стои во нивното соопштение до јавноста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.