Министерот за земјоделство,шумарство водостопанство Љупчо Николовски заедно со заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија, Џулијан Васало и градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска беа на локацијата во селото Конопива, Крива Паланка, кадешто започна изградбата на системот за наводнување на Селска река.
Овој систем е финансиран од Европската унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) 2019 односно во рамки на проектот „Изградба на мали системи за наводнување во општините во Република Македонија – Фаза 2“.
„Конкурентноста на земјоделскиот сектор и оптимално користење на природните ресурси е основната цел во функционирањето и работата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а наводнувањето покрај останатите наши крупни приоритети, секако дека има голема улога. Изградбата на нови системи за наводнување како и рехабилитација на постоечките претставува еден од клучните фактори на коишто сме посветени како министерство и затоа во овие неколку години се градат повеќе брани, големи системи за наводнување во клучните земјоделски региони, но на наше големо задоволство се градат и повеќе мали системи за наводнување коишто ќе придонесат да секоја една педа земја биде искористена и во секој регион да овозможиме услови за производство на храна“, изјави министерот Николовски.
Изградбата на овој мал систем за наводнување во општината Крива Паланка, ќе придонесе кон зголемување на земјоделското производство во овој регион. Системот овозможува наводнување на нови 42 хектари обработливо земјоделско земјиште на локација во селото Конопница. Повеќе од 100 земјоделци ќе ја користат водата преку нов затворен систем за наводнување во должина од 5,4 километри од примарна и секундарна мрежа.
Вредноста на проектот „Изградба на мали системи за наводнување во општините во Република Македонија – Фаза 2“ е околу 2 милиони евра и опфаќа изградба на мали системи за наводнување во Теарце, Пишица и Конопица. Една од придобивките на ваквиот проект за мали системи за наводнување, е тоа што користењето и одржувањето на хидросистемот ќе им биде предаден на земјоделците, со поддршка од задругата, која треба да се формира на оваа локација.
Министерот Николовски посочи дека минстерството ќе продолжи со инвестиции во изградба и на други системи за наводнување, се со цел земјоделците да имаат навреме достапна вода за наводнување на површините што ќе придонесе за зголемено домашно земјоделско производство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.