Новиот деветти пакет антикризни мерки, креиран од Владата предводена од СДСМ, во вредност од 662 милиони евра содржи 26 мерки за социјална сигурност, за надминување на потешкотиите во услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти од енергетската криза, велат од СДСМ.

Објаснуваат дека мерките опфаќаат околу 440.000 граѓани и се таргетирани кон социјално ранливите категории, пензионерите со ниски пензии, ученици, студенти, коишто доаѓаат од семејства со ниски приходи, земјоделците, приватниот сектор, јавниот сектор.

Во антикризниот пакет се предвидени 36 милиони евра за 187.000 пензионери со пониски пензии.

Пензионерите со најниски пензии до 14.000 денари, во наредните 5 месеци ќе добијат 15.000 денари на своите сметки, по 3.000 секој месец, почнувајќи од декември, тие што имаат пензии до 14.001 до 16.000 денари ќе добиваат по 2.000 денари, а оние со пензија од 16.001 до 19.000 денари по 1.500 денари.

Методологијата за усогласување на пензиите дава одлични резултати. Од септември 2022 година минималната пензија од 9.000 денари е зголемена на 13.200 денари, што е просечен раст од 25 отсто, односно 4.200 денари.

СДСМ продолжува со вистинска грижа за сите граѓани, велат од СДСМ.

Со покачувањето од 78 проценти, Димитар Ковачевски месечно зема плата од над 156.000 денари, односно над 2500 евра, а на пензионерите, студентите и средношколците ќе им дава смешни 1000 денари за месец, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ за новите антикризните мерки, за кои велат не значат никаква помош, туку класичен изборен поткуп.

Споредбено само пензионерите и студентите за 7 месеци со помошта на владата ќе земат 7000 денари.

За разлика од нив, Ковачевски за 7 месеци со плата од над 156.000 денари ќе зeма над 1 милион денари.

Владата на СДС и Димитар Ковачевски на граѓаните им ги фрла коските да ги глодаат, додека тој и неговите министри во владата се гоштеваат со бифтеци, морски плодови и пијат скапи пијалоци.

1000 денари не им се доволни ниту на пензионерите, ниту на студентите за да ги купат основните прехранбени производи, а не пак за да имаат пристоен живот.

Ковачевски со таканаречената помош се обидува да ги поткупи граѓаните пред избори. Ковачевски повторно ги потценува и пензионерите и студентите.

Наместо достоинствено покачување на пензиите, платите, стипендиите и студентскиот оброк, владата на СДС и Ковачевски им дава трошки на граѓаните.

Ковачевски не ја знае маката на граѓаните, бидејќи неговата плата е доволна за луксузен живот, додека пензионерите и студентите едвај преживуваат.

СДС и Ковачевски се свесни дека мандатот им завршува и во паника и очај се обидуваат да ги поткупат граѓаните.

СДС и Ковачевски се прочитани од граѓаните. Граѓаните знаат дека ова е само обид за предизборен поткуп, и нема да им дозволат на СДС и Ковачевски да владеат уште 4 години.

Многу набрзо од ден доаѓаат промените.

Пензионерите заслужуваат достоинствени и повисоки пензии!, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.