„Целта ни е три од петте секции од автопатот Кичево – Охрид да ги пуштиме до почетокот на туристичката сезона, некаде до мај-јуни 2025 г., додека за првите две делници ќе треба да се добие извештајот за бушотините и врз основа на тоа ќе се прават проекти за стабилизација и санација, па потоа ќе може да кажеме рокови“, вели директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, за пуштањето во употреба на автопатот кој се гради веќе десет години.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Трајановски рече дека вдолж првата и втората секција има огромни косини кои се оставени на забот на времето. Кога правиш косина, треба веднаш и да ја заштитиш, а има дел мрежи кои се оставени на забот на времето и во овие пет-шест години од временските услови тие се многу еродирани, вели директорот одговарајќи на прашањето како се одвиваат градежните работи на автопатот Кичево – Охрид.

Тој вели дека сега се во фаза на договарање со кинескиот изведувач „Синохидро“ за правење геоистраги на 6,5 километри и дека откако ќе се направат тие геоистраги, се прави извештај и врз основа на тој извештај се прави проектирање на стабилизација на тие косини.

„Косините се свлечишта, на дел е свлечено земјиштето оти немало добри геоистраги и оставени се на забот на времето и практично еднаш се преправани“, рече Трајановски.

Директорот на ЈПДП вели дека има вкупно 15 свлечишта од кои 13 се покритични и се наоѓаат на првите две секции. На третата делница од Врбјани до Арбиново левата лента од автопатот (во насока од Кичево кон Охрид) е целосно асфалтирана и останува да се стават огради, дилатации на мостови и банкини, додека од 1 декември годинава ќе започнат со асфалтирање на десната лента.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.