Вработени во „Еуроникел индустри” денеска ќе поднесат барање за стечај во фабриката, барајќи обесштетување, да им бидат исплатени три неисплатени плати.
Оваа информација ја потврдија за МИА претседателот на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство Игор Герасов и претседателот на оваа синдикална организација во „Еуроникел индустри”, Миле Ѓорѓиев.
– Барањето ќе биде поднесено во судот во Кавадарци. Всушност, една прилепска компанија доверител претходно има поднесено вакво барање и ние сега само се приклучуваме кон тоа барање за кое ќе се одлучува на втори февруари. Нашите плати се приоритетни, ние како работници сме доверители од прв ред, рече Ѓорѓиев.
Досегашни вработени во фабриката очекуваат дека после стечајот, ќе се изнајде купувач на имотот од банката доверител што сега го има во сопственост имотот, за пак да се рестартира фабриката.
– Инвеститорот нема врска со стечајот. Инвеститорот работи на купување на делот од банката што е ставен под хипотека, имотот, а компанијата ,,Еуроникел” оди под стечај. Ќе се отвори нова компанија и ќе продолжи да стопанисува со комбинатот. Според информациите што ги добивме, финални разговори имало со турски инвеститор и се надеваме дека ќе се постигне договор, нагласи Герасов.
Во изминатиот период вработените во поранешно ,,Фени” на неколку пати протестираа, незадоволни од ситуацијата во која што се најде комбинатот за фероникел, што работи со децении. Тие нагласуваа дека од гигантот директно егзистираат околу 800 семејства, а индиректно многу повеќе и дека години наназад тој претставува значаен фактор во кавадаречката и македонската економија.
Во моментов околу сто луѓе одат на работа во фабриката, за да ја одржуваат печката во топла состојба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.