Државата од јуни годинава ќе воведе граѓанска обврзница, нов инструмент за финансирање на развојни проекти и на пазарот на капитал, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими. Граѓанската обврзница ќе биде со рочност од две години, а нејзиниот минимален износ ќе биде 10.000 денари. Граѓаните ќе можат и пред истекот на рокот да тргуваат со неа на Македонската берза доколку им се потребни парите. Преку овој инструмент државата планира во Буџетот за 2023 година да инкасира 50 милиони евра.

Како што најави Бесими на денешната средба со новинарите, се уште не е дефинирана каматата за обврзницата, но таа ќе биде повисока отколку кај депозитите во банките, а пониска од каматата доколку државата се задолжи во странство. Овој инструмент, како што кажа, секоја година ќе биде присутен на пазарот.

Ова ќе биде вин-вин состојба за сите. Целта на издавањето на граѓанската обврзница не е ликвидност на Буџетот. Издавањето на оваа обврзница, заедно со развојната, зелената и проектната обврзница се предвидени уште со Планот за забрзан раст, а граѓанската обврзница е предвидена и во Буџетот за 2023 година, односно нејзиното издавање е дел од предвиденото задолжување во оваа година на домашниот пазар и таа нема да го зголеми дефицитот и јавниот долг – рече Бесими.

Тој додаде дека подготовките за издавањето на граѓанската обврзница се одвиваат две години и дека сега се исполнети и поволни предусловите за нејзиното издавање, а придобивки ќе имаат и државата, и граѓаните, и економијата.

Граѓаните ќе имаат можност да ги инвестираат своите пари и да ја заштитат нивната вредност. Државата на тој начин ќе обезбеди финансирање по пониски стапки од она што е на меѓународните пазари, а средствата ќе бидат искористени за развојни проекти, што ќе има позитивно влијание и врз економијата – потенцира Бесими.

Идејата, додаде, е граѓаните да станат свесни за значењето на инвестирањето, бидејќи, како што кажа, парите што не се инвестираат во услови на инфлација ја губат вредноста. Не очекува граѓанската обврзница да има негативно влијание врз депозитите што се чуваат во банките зашто, како што рече, граѓаните ќе имаат поголема корист ако ја инвестираат готовината што ја чуваат дома во државни обврзници, а депозитите да ги остават во банките.

Со граѓанската обврзница нудиме дополнителен финансиски инструмент, кој е дел од Стратегијата за развој на пазарот на капитал. Покрај граѓанската предвидени се и развојни, зелени и проектни обврзници. Сите се насочени кон обезбедување инвестиции за развојни проекти и повисоки стапки на економски раст – нагласи Бесими.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.