Дополнителни два денара поддршка ќе добијат лозарите за предадено грозје во регистрирани капацитети, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Ова е договорено на денешната средба со лозарите и претставниците на винарските визби.
„Смедеревката ќе се откупува по просечна цена од 13 денари за килограм, а вранецот по 15 денари за килограм, што е за 3 денари повеќе споредено со ланските откупни цени. Верувам дека и винариите и лозарите се задоволни од постигната цена и верувам дека договорите ќе бидат испочитувани од двете страни. Прв пат оваа година, на самиот почеток на кризата Владата реагираше со брзи одлуки и ја донесовме Програмата за Интервентен фонд, со почетен буџет од 400 милиони денари, а со ребалансот на буџетот, овој Интервентен фонд беше зголемен со дополнителни 500 милиони денари. Значи вкупно 900 милиони денари, за мерки за поддршка на земјоделците во услови на криза, покрај редовните субвенции кои што беа во целост програмирани. Токму во овој Интервентен фонд се обезбедија и мерки за поддршка на лозарите и винариите, за да имаат помали трошоци и одржливо производство. Односно 120 милиони денари за поддршка на винариите и дополнителни 2 денари за килограм откупено грозје за лозарите“, рече Ковачевски и додаде дека сето ова ја демонстрира посветеноста и грижата за извозно ориентирани земјоделски гранки како што е лозарството, и во услови на најголема криза да помагаме онаму каде е најпотребно.
Ковачевски дополни дека домашното просечно производство на грозје е стабилизирано на околу 270 илјади тони на годишно ниво, додека просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри.
„Македонското вино е во светот познато по својот квалитет, а нашата земја важи за еден од лидерите според вредноста на извезеното вино во регионот, односно втор најголем извозник после Грција. Минатата година македонските винарии извезле вино во вредност од над 61 милиони долари, што е зголемување од над 19% во споредба со претходната 2020 година. Паралелно се зголемува и бројот на винарски визби, кој заклучно со август 2022 година е 139, со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри. Се овозможи финансиска поддршка до 10.000 евра за малите семејни винарии за набавка на опрема за производство, мерка која предизвика голем интерес кај овие мали семејни винарии. Секоја година се одвојуваат средства за промоција на македонските вина на саемите низ светот, а се подготвуваа и нов Закон за вино кој е усогласен се ЕУ, односно и со регулативите на ЕУ и кој придонесува да имаме поквалитетно македонско вино. Веќе знаете под покровителство на владите на Србија, Македонија и Албанија, а како дел од иницијативата „Отворен Балкан“, почнува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи во Белград, од 1 до 4 септември 2022 година. Од Македонија ќе учествуваат 42 винарници и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина. Учеството на Македонија на Саемот за домашната економија значи обезбедување поголем извоз, откуп и нови пазари за пласман на македонските вина“, додаде Ковачевски.
Министерот Николовски подвлече дека со измената и дополнувањата на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година, се воведува дополнителна мерка, наменета за поддршка на лозарите, кои имаат површини под лозови насади и оствареното производство на винско грозје од реколтата 2022 година и истото да е предадено во регистрирани капацитети или да е искористено за потребите на сопствениот регистриран преработувачки капацитет.
„Дополнителната мерка изнесува дополнителни 2 денари по килограм.
Ова значи дека на веќе договорените 13 и 15 денари за килограм ќе се додадат уште плус 2 денари, со што откупната цена на грозјето ќе достигне 15 денари за смедеревка и 17 за вранец. Ако на ова ги додадеме и субвенциите од 40.000 односно 48.000 денари по хектар, стигнуваме до плус 3 денари за килограм, што значи дека со сета наша поддршка и коректниот однос на винариите, лозарите добиваат вкупно 18 денари за килограм за смедеревка и 20 денари за килограм за вранец.
Ова е рекорд. Што е најважно, постигнат е преку дијалог, бидејќи ние максимално ја разбираме секојдневната борба која ја водат и лозарите и винариите. Проблемот е комплексен, повеќестран и затоа е навистина успех кога се стигнува до резултат, до договор од кој сите се задоволни.
И ако на сето ова се додадат сите исплати во овој сектор по разни основи, од 2017 до денес стигнуваме до екстремно висока бројка на инвестирани околу 76.5 милиони евра од кои 74 милиони се директно исплатени кон лозарите”, изјави Николовски.
Ристе Љуботенски од винаријата „Имако“ истакна дека станува збор за тешка производствена година, особено во производството на грозје и вино со оглед на фактот дека во Европа, заради кризата потрошувачката на вино и производи на вино е намалена. Љуботенски, додаде дека големите производители на вино имаат залихи и потенцира дека грижата на Владата и ресорното Министерство за собирање на овогодинешната реколта е оправдана, како и во изминатите години.
Трајче Кулев, лозар рече дека се најде компромисно решение и дополнителни 2 денари за килограм за цената на грозјето се со цел поддршка за лозарите и во услови на светска криза.
И ВМРО-ДПМНЕ задоволни од новите откупни цени на грозјето. Цветан Трипуновски рече дека неговите конструктивни забелешки во однос на цената на грозјето за вранец и смедеревка на лозарите од Тиквешијата, како и барањето за 2 денари дополнителни субвенции за предаден килограм грозје, вродиле со плод.
Ковачевски и Николовски денеска на прес конференција го прифатија моето барање откако реагирав за ниските откупни цени на грозјето кои претходно ги договорија со винарите. Лозарите ќе добијат плус 2 денари по килограм предадено грозје благодарение на брзото реагирање, но сметам дека цената на грозјето и понатаму е ниска, а нема ниту сигурен пласман на грозјето. Воедно, ова не е победа на Ковачевски и Николовски, субвенциите од 2 денари за килограм грозје ги воведе владата на ВМРО-ДПМНЕ и тие на тој начин станаа пракса. Ова не е нешто со што треба да се фалат од власта, туку ова е нивна обврска која мора да ја испочитуваа. Доколку не реагирав навремено, парите ќе завршеа во нечии џебови на високите владини функционери, наместо кај земјоделците, рече Трипуновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.