Владата се уште нема добиено одговор по испратениот допис до Европската комисија за таксата што ја наметнува Бугарија за рускиот гас.
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, се уште не е јасно дали „Гаспром“ ќе ја прифати таксата, но земјава е подготвена за тоа ако биде директно погодена.
Европската комисија го усвои барањето на Бугарија за таксата кон „Гаспром“. Таму состојбите се уште не се најјасни, дали „Гаспром“ ќе ја прифати таа такса и што ќе значи тоа. Ние инсистираме на ослободување на капацитети за да не бидеме директно погодени, но, секако, ако тоа се случи, како што најави премиерот, ние сме подготвени зашто последицата е поскапа струја и зголемени трошоци за компаниите. Затоа бараме ЕК да и помогне на нашата држава во совладување на оваа новонастаната ситуација – рече Битиќи, на новинарско прашање по настанот за проектот „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени“.
Таксата што ја наметна Бугарија е 10 евра за мегават час. Владата од Европската комисија побара да се ослободи капацитет за да може да набавуваме гас од други извори, односно да нема оптоварување од оваа дополнителна такса.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.