Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека Владата ја поништила одлуката за спојување на концесиите за експлоатација на бакар и злато за рудникот „Иловица-Штука“. Тој предупреди дека поништувањето на одлуката ќе има правни последици за државата.
Владата одлучи да престане да важи претходната одлука, а тоа значи дека ние се враќаме таму каде што бевме, не носиме ниту позитивна, ниту негативна одлука. Министерството за економија инсистира да се донесе некаква одлука, а што е подобро за интерес на граѓаните ќе покажат времето и аргументите, изјави Бектеши на денешната прес-конференција.
Владата на 27 јуни гласаше двете концесии да бидат споени – едната концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот „с. Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но која зафаќа дел и во општина Ново Село.
Како што најави и министерот Бектеши, ревидираната одлука на Владата, која претходно ги спои концесиите за рудникот за бакар Иловица – Штука, може да предизвика сериозни импликации врз буџетот на државата и да ги задолжи граѓаните за дополнителни милијарда евра доколку компанијата „Еуромакс ресоурсес“ реши да оди на арбитража.
Од компанијата претходно истакнаа дека секое непочитување на законските процедури ќе ги принуди да покренат меѓународна арбитража против државата, а евентуалната штета би можела да изнесува најмалку една милијарда евра, без да се вклучат каматите во оваа сума.
Министерот за економија потврди дека Владата морала да одлучи по барањето на инвеститорот за спојување на концесиите, а процесот е во согласност со Законот за минерални суровини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.