Нашиот сектор има улога од производство, увоз, дистрибуција и малопродажба претежно на храна и пијалоци. Сектор кој што во последните години е зафатен од сериозни проблеми, кои што се затекнати и започнати уште од корона кризата, кога се отежна транспортот на стоки и набавката на стоки, кога инфлацијата започна да расте во нагорна линија, двоцифрена инфлација не затекна.

Потоа исто така конфликтот во Украина имаше голем импакт врз нашиот бизнис. И згора на се тоа, во нашата држава беа донесени одлуки започнувајќи уште од март 2020-тата година, тие одлуки беа донесени буквално преку ноќ и не беа во склад со моменталната ситуација во нашиот сектор и со пазарите во светот, истакна стопанственикот Бојан Михајлов на денешната дебата насловена „Економски политики за достоинствен живот и ЕУ интеграција“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Михајлов додаде дека со погрешните одлуки на власта дојде до празни рафтови и до отсуство на основни прехранбени производи.

„Нашиот сектор е директно поврзан со секојдневието на секое едно семејство, бидејќи според сите анализи и статистики дури 45% од семејниот буџет одат за трошоците за храна и пијалоци. И ако тука ги додадеме и 6,7 па и 8% за хигиенски средства кои што исто така се набавуваат во нашиот сектор, ќе дојдеме дека дури и половина од средствата граѓаните ги трошат во нашиот сектор“, појасни Михајлов.

„И одлуките кои што и сега се носат се исто така се донесени без консултација на нашиот сектор, без консултација на производителите и увозниците на храна. Па и така се доведовме во една ситуација кога имаме гарантирана цена, заштитена од државата на пиво, а од друга страна во луксузни производи ни се ставаат основни прехранбени производи кои што секојдневно ги конзумираме“, нагласи тој.

Тој посочи дека гневот кај купувачите е очигледен бидејќи секој ден се менуваат цените поради одлуките на власта.

„Еве ќе дадам пример, кај што една од одлуките вели да се намали цената на јајца, ориз и ред други производи, за да после три дена да добиеме измена на одлуката и вели цената на јајцата да не се намали од први август за 10% туку да се земе референтна цена од 01.09. За да наредниот ден да добиеме измена да се земе референтна цена од 15.09“, укажа Михајлов.

„Одлуките се носат денес попладне, за да важат од утре наутро. Што е реално неодржливо и невозможно да се смени“, рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.