По речиси двомесечен прекин на сообраќајот на пругата кон Гевгелија, утре попладне од Скопје ќе тргне товарен воз кон Гевгелија и натаму, кон солунското пристаниште. Застојот беше поради санација на Железничкиот мост на Црна Река кај Стоби.

Од ЈП ЖРСМ – Инфраструктура информираат дека е завршена санацијата на средниот столб, кој беше напукнат, како и на главните носачи на мостот. Утре од 11 до 14 часот ќе се изврши пробно испитување (товарење) на мостот.

– Очекуваме сè да биде во најдобар ред со носивоста на мостот и ќе се направи технички прием, по што планираме утре попладне повторно да го пуштиме товарниот сообраќај на релација Скопје – Гевгелија, кон солунското пристаниште и обратно, кон земјите од средна Европа. Воедно, патниот сообраќај, кој од 14 ноември, кога се случи оштетувањето на столбот, досега се одвиваше континуирано со воз и со автобус и со преместување на патниците, од попладне ќе биде само со воз на релација од Гевгелија, преку Велес, за Скопје и обратно – информира за МИА Никола Марков од ЈП ЖРСМ – Инфраструктура.

Загубата поради 52-дневното несообраќање на товарните возила допрва треба да ја пресметаат во АД ЖРСМ – Транспорт. Оваа загуба само ја продлабочува булата во која се наоѓа ова државно акционерско друштво. За да функционира, државата во 2023 година постојано му префрлаше пари за покривање на загубите. Само лани на 10 ноември, Владата, преку издавање акции, одвои 15,7 милиони евра.

АД ЖРСМ – Транспорт од Нова година добива конкуренција, затоа што државата мораше да го отвори пазарот и за други оператори. Според информации оттаму, интерес за оперирање во Македонија покажале неколку оператори за товарен сообраќај од соседна Србија. Тие покажуваат интерес да превезуваат стоки на пругата од Табановце до Гевгелија, покрај Коридорот 10, како и за скопскиот железнички јазол. Има интерес и од домашни приватни оператори.

Законските измени што ја овозможуваат либерализацијата на железничкиот превоз беа усвоени на 1 декември 2023 година и веднаш стапија на сила, а формирани се работни групи што работат на подзаконските акти.

Со зголемувањето на обемот на товарниот транспорт, од ЖРСМ – Инфраструктура очекуваат поголем прилив на пари, бидејќи се финансираат од наплатата на средствата за користење на пругите и слични услуги.

(С.Бл.)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.