Наследивме целосно девастирано Министерство, во долгови, неисплатени плати, заостанати субвенции, целосно закочени проекти и сериозни сомнежи за криминал на претходното раководство. Наследивме хаос и тотално безредие, но изговори не смее да има. Наша обврска е да ги подобриме работите. Ова е Влада на земјоделците, ќе докажеме дека тие се нашиот партнер и заедно ќе ги креираме агро политиките, рече денеска ресорниот министер Цветан Трипуновски на прес-конференција по повод сработеното во изминатите 100 дена.

Според него, сто дена е мал период за Владата да покаже дека е насочена кон решавање на проблемите на земјоделците.

-Се обврзуваме на трансформација и враќање на достоинството на македонските земјоделци. Мој фокус се нивните барања, нивниот подобар и покавлитетен живот. Остануваме 100 отсто посветени, одговорно и домаќински да работиме во интерес на земјоделците, подвлече Трипуновски.

Осврнувајќи се на досега реализираните одлуки и решенија, потсети дека на првите владини седници беше донесена Одлука за исплата на преку 600 милиони денари заостанати субвенции. Продолжува, рече министерот, редовното сервисирање на подршката, а конечно, по седум години, откупната цена ја договараат земјоделците и откупните центри.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.