„Методологијата за пресметка на минимална плата, донесена во март 2022 година, е системско решение кое предвидува постојан раст на минималната плата. Решение кое нема да зависи од политичка волја, туку се усогласува со порастот на трошоците за живот и порастот на просечната плата. Во март секоја година, согласно оваа методологија ќе се усогласува минималната плата,“ рече Тренчевска во гостувањето на ТВ 24.
Таа истакна дека во рамки на Економско социјалниот совет, во март ќе се разговара за минималната плата согласно податоците добиени од ДЗС.
„Очекуваме минималната плата да биде околу 20.200 денари. Тоа е околу 12-13% или за околу 2.000 денари повисока плата од 2022 година. А ако земаме наназад, кога минималната плата беше 9.000 денари, и тоа не во сите сектори, некои сектори исплаќаа и по 8.000 денари, сега во март ќе имаме плата над 20.000 денари, што е и повеќе од двојно. За 12.000 денари повисока минимална плата,“ посочи Тренчевска.
Таа истакна дека, Владата е насочена кон системски решенија, а не популистички мерки.
„Во март со покачувањето на минималната плата, сите вработени во државната администрација, кои земаат плата согласно Законот за административни службеници, ќе земат плата поголема за онолку проценти, колку што е разликата односно процентот на пораст на трошоци за живот и порастот на просечната плата,“ рече Тренчевска.
Министерката зборуваше и за нацрт законот за системот на плати во јавен сектор, кое МИОА го постави на ЕНЕР, а со тоа можност за коментари и забелешки. Таа потенцираше дека се работи за драфт верзија за која ќе се консултираат сите засегнати страни, институциите, синдикатите и други. Таа зборуваше за неунифицираниот систем на плати во јавен сектор, како на пример, лице кое работи во јавно претпријатие или агенција да зема плата повисока од судија на врховен суд или претседател на држава. Министерката посочи дека, законот воведува систем, кој што значи постојан раст на платите во јавниот сектор, како што е воспоставениот систем на минимална плата и пензии.
Во однос на поддршката за граѓаните во време на економска и енергетска криза, министерката се осврна на антикризните мерки кои во моментов се активни, а ги опфаќаат најранливите категории на граѓани, кои од декември до март ќе се исплаќаат секој месец. Таа потсети дека секој јануари согласно Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита, се усогласуваат правата од социјална и детска заштита со трошоците за живот. А со исплатата на правата за м. Јануари правата ќе бидат повисоки за 14.2%.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.