Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Беким Мурати во подрачната канцеларија на АВРСМ во Штип ги доделија грантовите за самовработување на корисниците на мерката од Оперативниот план на активните мерки и програми за 2022 година.

„Со мерката поддршка за самовработување во Штип се опфатени 32 невработени лица. Од кои 10 се млади лица до 29 години, 11 се жени. Кандидатите кои што ги исполнија критериумите на мерката од денеска ја добиваат можноста да го исполнат својот бизнис план кој претходно беше оценет од експертска комисија. Претходните искуства со оваа мерка покажаа дека корисниците се задоволни. Во наредниот период сме во исчекување позитивните приказни кои сум сигурна ќе мотивираат и други граѓани за користење на мерките кои Владата ги спроведува “ рече Тренчевска.

Таа истакна дека мерката за самовработување со која се доделува 5000 евра за едно лица и 10 000 евра за содружници е една од најуспешните мерки која е дел од Оперативниот план. Им посака успешна работа на корисниците на мерката. Посочи дека Министерството за труд и социјална политика и АВРСМ се отворени за соработка и за совети за остварување на успешни бизниси.

Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за оваа година изнесува 1,8 милијарди денари, или околу 30 милиони евра. Со него е проектирано да бидат опфатени 14.685 невработени лица, со посебен акцент на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработени како и корисниците на гарантираната минимална помош.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.