На барање на членството, а поради последното зголемување на минималната плата, се одржа Работна средба на Синдикатот на самостојните јавни научни установи (ССЈНУ) на 30 мај 2023 година со цел да се разгледа прашањето за зголемување на платите во овие научни установи. Синдикатот бара потпишување на нов Колективен договор за научно истражување и развој на јавните научни установи со министерот за образование и наука, во кој на системски начин ќе се реши усогласувањето на платите со порастот на животните трошоци. Актуелниот Колективен договор тоа прашање не го регулира на соодветен начин и во овие научни установи платата не е покачена од 2019 година. Заради работни обврски надвор од државава, министерот г. Јетон Шакири не присуствуваше на средбата, но испрати свои претставнички Нуран Кадриу Џамбази, државен советник за образовни политики и Катерина Стефковска, соработник за планирање и финансирање на дејноста во науката.
Од дискусијата произлегоа три основни барања:
- Усогласување на платите еднаш годишно со одреден процент од просечната исплатена месечна бруто плата по вработен во Републиката. Синдикатот предлага тој процент да биде 60,2 што практично значи висината на основниот коефициент 1 да биде на ниво на минималната плата. Така ќе се избегне состојбата која денес е присутна, поради доплатата за платите со средно образование до минимална плата, да се нарушува соодносот со платите за високо образование и следствено на тоа соодносот со платите со највисоките академски звања (магистри и доктори на науки);
- Обезбедување на континуирано финансирање на научноистражувачки проекти како основна дејност на јавните научни установи и децентрализација на финансирањето од МОН кон установите и
- Континуирано обезбедување на научен подмладок.
Претставниците од Министерството за образование и наука информираа дека предлогот на Синдикатот се разгледува, но дека решението се бара со донесувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор. Синдикатот на јавните научни институти бара покачување на платата од мај 2023, истовремено со покачувањето на платите на факултетите и институтите при универзитетите, особено што најголемиот дел од јавните научни установи се придружни членки на УКИМ и двата закони – Законот за високото образование и Законот за научно-истражувачката дејност предвидуваат еквиваленција на научните со наставно-научните звања. Барањето на Синдикатот е во Колективниот договор за јавните научни установи, основната вредност на коефициентот да се изрази како процент од просечната бруто плата, на ист начин како што тоа е предвидено во Колективниот договор за високо образование и наука на СОНК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.