Ако не се зголемат цените за новата реколта, во опасност е целото тутунопроизводство и нема да се прифатат договорите што се нудат за годинава, велат од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија. Сојузот на крајот од откупната кампања со 20-тината членки ги резимираат состојбите и бараат да се зголемат цените по класи.

Според Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, цените треба да ги следат трошоците на животот и производството и нема да се прифатат договорите за новата реколта, а Министерството за земјоделство да биде посредник во преговорите.

Законскиот рок за завршување на откупот е во понеделник, но сметаме дека уште во петокот е завршена откупната кампања и дека е откупен сиот тутун. Досега се откупени 18 700 тони тутун по просечна цена од над 200 денари. Сега разговараме за завршувањето на откупот и за новата реколта. Не дека сме задоволни, како тутунари со 200 денари просечна цена и затоа сакаме да кажеме дека предлог-договорите кои ги имаат пуштено фирмите ние во целост не ги прифаќаме и не се согласуваме со нивните договори. Како Сојуз бараме од Министерството за земјоделство, веќе има закажано средба за идната недела, затоа бараме Министерството да излезе како посредник, како наш заштитник, при преговарањето со фирмите. Бараме цените по класи да се зголемат за онолку колку се зголемени трошоците на живот. Сѐ додека не постигнеме добри цени, нема да ги прифатиме договорите, па макар да почне и наредниот откуп, рече Стомнароски.

Сојузот не очекува да се зголеми тутунопроизводтвото.

Според состојбите, не очекуваме дека ќе се зголеми интересот за тутунопроизводството. Доколку не се постигнат цените кои ги бараме, не знам дали в година ќе се стигне до 16 000 тони реколта, а наредната година тутунопроизводството ќе се доуништи. Ако фирмите и Министерството дозволат да згасне тутунопроизводството, ние тоа нема да го дозволиме. Ќе направиме сѐ што е во наша моќ. Со Министерството имавме неколку средби, имаат расположение да се разговара и затоа е најавен состанок за идната недела, вели Стомнароски.

Сулејман Абази, тутунопроизводител од крушевско Норово, вели дека размислува да го намали производството, ако нема достоинствени цени. Цената, вели, не треба да биде под 250 денари, но мора да се зголемат по класи.

Производството на тутун не е само интерес на тутунарите, туку е во интерес и на самите фирми. Овој процес е заеднички. Фирмите треба да настојуваат да ги мотивираат производителите со зголемувањето на цените по класи. Цениме дека доколку останат овие цени, ќе има тенденција на намалување на тутунопроизводството. Годинава имав производство од три тона. Ако не се зголемат цените, мислам да го намалам. Просечната цена да не биде под 250 денари, вели Абази.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.