Од утре стапува во сила Законот за платежни услуги и платни системи со кој се овозможува либерализација на финансискиот пазар со влез на нови даватели на платежни услуги, нови платежни услуги и намалување на надоместот за трансакциите. Овие новини ќе им бидат достапни на граѓаните и фирмите од 1 јануари 2023 година.

Со либерализацијата на пазарот се овозможува, покрај банките, кои досега имаа монопол во давањето платежни услуги, на пазарот да се појават и платежни институции, односно трговски друштва кои врз основа на дозвола од Народната банка, ќе даваат платежни услуги.

Услугата за иницирање плаќање ќе им овозможи на корисниците да иницираат трансакции за плаќање преку интернет или преку мобилни апликации на товар на нивната банкарска сметка. Оваа услуга ќе биде особено корисна во сферата на електронската трговија, односно наместо со платежна картичка, на интернет продажните места ќе може да се плати и со користење електронско банкарство.

Услугaта за давање информации за платежни сметки, пак, ќе овозможи полесно следење на извршените трансакции и состојбата на сметките. Дополнително, за корисникот тоа ќе го олесни процесот за аплицирање со цел добивање кредитни продукти од банки и други финансиски институции.

Во овој контекст, значајна улога се очекува да одиграат финтек компаниите што имаат знаење, искуство и технологии за воспоставување брз, ефикасен и безбеден електронски пристап до даватели на услуги, односно реализација на платежни трансакции. Влезот, пак, на пазарот на овие финтек компании ќе се стимулира преку олеснети барања во однос на критериумите за започнување со вршење платежни услуги, а со цел да се привлечат финтек компаниите што треба да бидат двигатели на иновативни и дигитализирани платежни услуги и да ја засилат конкуренцијата на пазарот што ќе значи подобри платежни услуги по пониски цени, појаснуваат од Министерството за финансии.

Оттаму нагласуваат дека со Законот особено внимание се посветува на заштитата на потрошувачите, со тоа што се воведуваат задолжителни преддоговорни и договорни информации, што давателите на платежни услуги се должни да му ги дадат на потрошувачот со цел тој да може да донесе правилен избор и одлука дали да прифати користење услуги од тој давател.

Исто така, јавно ќе бидат објавени и информациите за надоместоците што ги наплатуваат за платежните трансакции, за услугата на продавачот и слично. Граѓаните ќе имаат можност бесплатно да ја пренесат платежната сметка од еден кај друг давател на услугата. За ранливите категории (корисници на законски права) се воведуваат и бесплатни услуги, односно нема да се наплатува надоместок за најмалку пет трансакции што се порамнуваат интерно кај самиот давател на платежни услуги на месечна основа. Исто така, ќе може да се отвори платежна сметка со основни функции за потрошувачите со законско живеалиште и престојувалиште во Република Македонија, барател на азил и потрошувач на кој му е одбиено барање за престој и чие напуштање на Република Македонија не е можно поради правни или други практични причини (право на невраќање), велат од Министерството за финансии.

Новина во Законот е и ограничувањето на висината на заменскиот надомест што се пресметува и плаќа за секоја платежна трансакција заснована на платежна картичка, односно од сегашниот просечен надомест од 1,21 процент што го наплаќаат од трговците, тој ќе се сведе на 1 процент од вредноста на платежната трансакција на 1 октомври годинава и постепено ќе се намалува до 0,2 проценти во 2025 година.

Сметките на кои 24 месеци нема никакви приливи и одливи и депозитните сметки на кои 10 години нема остварено каква било комуникација ќе имаат третман на неактивни сметки, со што давателот на платежни сметки не смее да ја намали вредноста на паричните средства на овие сметки заради пресметка и наплата на какви било надоместоци.

Со Законот ќе се воспостави и Единствен регистар на сметки кој ќе го води и одржува Централниот регистар, во кој ќе се водат платежните сметки, депозитните и други денарски и девизни сметки и сефовите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.