Пазарните инспектори за два дена кај 33 трговски субјекти утврдиле непочитување на владината мерка за намалување на трговската маржа или не поседувале дневна евиденција за дел од производите. Сите заработиле парични казни од 60 до 7.000 евра во зависност од големината на фирмата. Откако мерките стапија во сила, направени биле 160 контроли.

Кај осум субјекти од сите 33 се големи трговци и кај нив се изречени казни од 7.000 евра за правно лице и 350 евра одговорно лице. Останатите субјекти се од различен тип почнувајќи од микро, па сè до среден трговец. Само за дневната евиденција ако таа не се наоѓа во објектот, казната почнува од 60 евра до 800 евра за правно лице и од 20 до 250 евра за одговорното лице – рече Анета Димовска Симеска-Директорка на ДПИ.

Покрај трговците, контроли ќе се прават и кај производителите. Кај нив ќе се утврдува дали цената која е формирана за одреден производ е во согласност со трошоците коишто ги имаат. И министерот за економија Крешник Бектеши апелираше на почитување на одлуките, бидејќи секое повторно прекршување, според Законот за потрошувачи, предвидува и затворање на објектот до една година.
Со последната одлука, трговските маржи се намалија во трговијата на мало на 3 проценти и во трговијата на големо до 4 проценти. Целта е да се спречи уште повисок раст на цените.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.