Владата ќе ги поддржи производителите на масло, пекарски, млечни и мелнички производи, како и преработувачите на млеко, но можно е листата да се прошири и со компаниите од месната индустрија. Тие ќе плаќаат струја под 100 евра за мегават час, што е двојно помалку од цената на регулираниот пазар. Поради ова се очекува најпрво да се стабилизира пазарот, а потоа цената на лебот да се намали за околу 10 проценти.
Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, до крајот на денот стопанските комори треба да достават дополнителни предлози со кои би се проширила листата на компании за поддршка. До утре ќе се направат сите калкулации во однос на евентуалните финансиски импликации, по што ќе биде донесена и конкретната одлука.
Бектеши очекува поради намалувањето на цената на електричната енергија, компаниите од прехранбената индустрија да ги поевтинат производите. Доколку, пак, некој ја злоупотреби ситуацијата и домашните основни производи ги продава поскапо од увезените, не е исклучено, рече, Владата да донесе и мерка за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи.
Според компаниите, поевтината струја за еден месец ќе овозможи стабилизирање на пазарот, по што може да се утврди намалувањето на цената на пекарските производи за околу 10 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.