Поширокиот регион летово имал повисока цена на електричната енергија од остатокот на Европа поради високите температури и лошите меѓусебни интерконекции, вакво објаснување добиле во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), информира денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Го добивме ние објаснувањето. Причините биле зголемување на температурата, имало високи температури што го прифаќаме. Заради зголемени температури била затворена нуклеарната електрана во Романија. Исто така, има и објаснување во однос на недоволни интерконекции помеѓу земјите во регионот, но сметам дека тоа што влијаеше во Македонија и во регионот не е произлезено од овој регион, туку на некој начин сме ние спотер заради други случувања надвор од овој регион, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање на паузата на состанокот на Експертската мисија TAIEX за транспонирање на законодавството на ЕУ за електрична енергија чиј коорганизатор е РКЕ.
Во Бугарија, Грција и Романија како земји-членки на ЕУ го издигнаа тоа прашање на далеку повисоко ниво и, како што кажа, одржуваат состаноци со претставници на Европската комисија (ЕК) и дури ќе бараат и одредени финансиски надомести.
На почетокот на октомври присуствував на Бордот на регулаторни тела на земјите членки на Енергетската заедница (ЕЗ) и таму на мој предлог ќе имаме заеднички настап сите регулаторни тела, да се направи сериозна анализа и да се каже која е причината. Ако било температурата, добро на тоа не можеме да влијаеме, но ако биле овие нашиве прекугранични капацитети, во ред да знаеме да се инвестира во тие прекугранични преносни капацитети, рече Бислимоски.
Но според мене, додаде, прекуграничните преносни капацитети функционираа и во јануари, февруари, март, април и во мај и тогаш немаше никаков проблем во однос на цените.
Сега се доведовме како регион да плаќаме поскапо, а имаше и денови со за трипати повисока цена на електрична енергија. Мислам дека еден од проблемите е тоа што сите берзи во нашиот регион се реферираат на цената на берзата на ХУПЕКС на која што тргуваат играчи од регионот, ама тргуваат и играчи од Средна Европа, од Австрија. Сметам дека ние како регион треба да се разбереме меѓу себе и да направиме една наша голема сериозна берза која што ќе ги отсликува случувањата во нашиот регион со цел да избегнеме надворешни влијанија. Но, знаете како е на Балканот кога ќе се почне да се разговара за заеднички проект прво прашање кое што се поставува е каде ќе биде сместена и тогаш се јавуваат 5-6 земји и уште на првото прашање таа идеја се одложува и одложува. Верувам дека сега, имајќи ги во предвид овие искуства коишто ги имаме од ова лето, ќе сфатиме дека е многу подобро да имаме една заедничка берза која што пред се ќе ги намали трошоците и мислам дека ќе има далеку поголем обем на трговија од неколку европски берзи, вклучувајќи ја и ХУПЕКС, потенцира Бислимоски.
Сега, додаде, берзи има и во Грција и во Бугарија, и во Романија, и во Албанија, и во Македонија, и во Србија и во Хрватска, и во Словенија, и во Црна Гора и сите сме релативно мали пазари. Доколку направиме една голема берза заедничка за целиот регион тогаш таа ќе биде многу интересна за трговците.
Од јануари, како што рече, на европските берзи се навестува дека ќе има одредени турбуленции со цената на електричната енергија.
Од 1 јануари 2025 година Украина ќе престане да транспортира руски природен гас и од тоа би можеле да бидат погодени земјите од Средна Европа. Тоа се пред се Унгарија, Австрија, Словачка, Чешка коишто го користеле тој гасовод. Јас верувам дека тие како земи-членки на ЕУ веќе имаат обезбедени природен гас и од други извори. Ме радува изјавата на Унгарија дека во однос на обезбедувањето на природниот гас тоа нема да се почувствува. Значи, тоа може да биде удар на цената на природниот гас, а цената на електрична енергија ја прати цената на природниот гас, рече Бислимоски.
Од 1 јануари, додаде, природниот гас што се носел преку Украина ќе треба да се донесе од друго место.
Има една опција која што сега оди преку Турски тек, па оди назад преку Бугарија, дел доаѓа во Македонија, дел оди преку Бугарија во Србија, па од Србија во Унгарија. Исто така, опција која што ја кажува ЕК е т.н. вертикала од Енерџи терминалот во Александрополис, која преку Бугарија, Романија ќе доаѓа во Украина и во останатиот дел од Европа каде што е потребно. Но, треба да се знае дека кога доаѓа од Александрополис трошоците за транспорт на природен гас се зголемуваат за 10 до 15 евра за мегават час. И дополнително во изминатиов период енергетската инфраструктура на Украина е прилично разрушена и Украина која што во едни нормални времиња била сериозен извозник на електрична енергија во цела Европа сега во одредени периоди дури и увезува електрична енергија што дополнително прави притисоци на цените на електрична енергија на европските берзи, појасни Бислимоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.