Додека целата економија е во неизвесност од драматичното зголемување на цените на струјата и енергенсите низ цела Европа, кога многу домашни компании се прашуваат дали ќе треба да стават клуч и да ги отпуштат вработените, „Антикоцкање“ од Тетово продолжува со своето деструктивно однесување. Кога се закануваат со протести, треба да бидат свесни дека во економскиот сектор игри на среќа работат 10 илјади луѓе, кои заедно со своите семејства жестоко ќе протестираат за да си ја заштитат егзистенцијата. Без да навлегуваме во мотивите на „Антикоцкање“ да се пресметуваат со политичарите, сметаме дека е неопходно со аргументи и факти најостро да ги демантираме нивните обвинувања, шпекулации и обиди да ја стават јавноста во заблуда.

Периодичното појавување, служењето со закани и конструкции, дополнително ги потхрануваат сомневањата дека зад „Антикоцкање“ се кријат политички и бизнис интереси. Затоа, редно време е г-дин Јуши Емерлаху, наместо да се заканува, конечно да одговори на прашањата:

Дали целата нивна активност е всушност одработување во интерес на нечиј план и сценарио за нелегална заработка од игри на среќа кои би се организирале на црно, без никаков приход за државата? Дали зад нивното инсистирање за дислокација на обложувалниците и автомат клубовите од урбаните средини се крие намерата да се создаде нов „Детонатор“, познатиот скандал од 2011, кога полицијата заплени околу 1500 диво поставени покер апарати во нелегални објекти? Дали така малолетниците ќе бидат во поголем или помал ризик? Дали одговорните лица во „Антикоцкање“ се подготвени да понесат одговорност за сериозниот економски удар врз државата од затворањето на овој економски сектор?

Јавноста треба да знае дека „Антикоцкање“ бара државата да се откаже од буџетски приходи од 280 милиони евра на годишно ниво. Додека економскиот сектор игри на среќа обезбедува плати за 10 000 вработени, за 23 000 обезбедува егзистенција и индиректно подржува и помага 54 000 работни места, „Антикоцкање“ преку лажни вести сака да и нанесе штета на државата и да предизвика огромен буџетски дефицит.

Не е точно дека игрите на среќа се најголема закана за младите. Во автомат клубовите и казината одамна се имплементираат сите највисоки стандарди на ЕУ, се е 100% законски! Во објектите влегуваат најмногу 3% од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Тие претходно веќе играле, најчесто во западните земји и си ја пробуваат среќата. Во автомат клубовите имаме дежурен психолог кој стои на располагање за секој играч кој евентуално ќе почувствува зависност од игрите на среќа. Тој веднаш може да го контактира за стручна помош. Во ниту еден објект, не смеат да влегуваат малолетници и секој наш апарат 365 дена во годината е поврзан со УЈП. Не постои записник на надлежните органи каде во објектите Групацијата Новоматик Македонија и Апекс Македонија е затечен малолетник и посетител надвор од законските процедури.

Ние, како општествено одговорни компании, претставници на реномирани корпорации од ЕУ, никогаш не одбегнуваме дополнителна регулација на овој економски сектор. Нашите правни тимови уште пред 4 години доставија предлози до Собранието на Република Македонија со цел да обезбедиме поквалитетно решение.

Асоцијација на приредувачи на игри на среќа – АПИС

ПР текст

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.