Раде Христовски ja презеде позицијата Гувернер на Ротари Дистриктот 1912 за ротаријанската 2022/2023 година, којшто ги обединува сите Ротари клубови од Словенија и  Македонија.

На денешната прес конференција Христовски истакна дека функцијата Гувернер на Дистрикт е многу респектабилна и одговорна функција во ротаријанските кругови и рамките на Ротари Интернационал. Уште повеќе, што за нас Македонците се оствари еден долгогодишен стремеж и долгогодишна желба да се има свој Дистрикт и свој Гувернер.

Имајќи во вид дека Ротари Интернационал е една од најреспектабилните сервисни организации на светско ниво, организација на лидери во својата професија, организација која помага на заедницата и локално и глобално – добивањето на функцијата Гувернер на Дистрикт од Македонија, треба да претставува признание и гордост за секој граѓанин на Македонија. Оваа функција во македонското Ротари претставува голем мотив и поттик за понатамошен развој, јакнење и зголемување на членството и активностите – изјави Христовски пред новинарите.

Кога финансиски би ги мереле сервисните и хуманитарните акции кои Ротаријанците ги направиле во Македонија, доаѓаме до износи од преку 1,5 милиони долари, потенцираше Христовски додавајќи дека Ротаријанците заедно се друштвото граѓани на светот кои сакаат да придонесат земјата да биде поубаво место за живеење, луѓе кои градат високи етички принципи, дејствуваат за добробит на заедницата и прават сервисни и хуманитарни акции.

Гувернерот на Дистриктот е единствен претставник на Ротари Интернационал во Дистриктот за годината за која е избран. Негова задача е да ја организира и координира работата, активностите и делувањето на Ротарите во неговата година, да работи на проширувањето и развојот и јакнењето на ротаријанството во Дистриктот и на меѓународно ниво.

Во Дистрикт 1912 во моментот дејствуваат вкупно 76 Ротари Клубови и уште 24 Ротаракт клубови (млади ротари од 18 до 30 години), што значи повеќе од 1.800 членови заедно.
Раде Христовски е активен во ротари уште од 1998 година како член и еден од основачите на Ротари клубот Битола.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.