Во законодавниот дом денеска се одржа средба меѓу Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Комисијата за финансирање и буџет, каде присутни беа претставници на Европската мрежа на кредитни унии од повеќе држави во Европа и САД, како и претставници од штедилницата ФУЛМ.
Од Собранието соопштуваат дека претседателката на Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, им ја честитала 25-годишнината на штедилницата ФУЛМ, нагласувајќи дека обврска на пратениците е постојано да наоѓаат начини да се надминат предизвиците за граѓаните, како и да вложуваат напори за да донесат закони кои ќе ги унапредат услугите кои ги добиваат граѓаните.
– Ваквите закони секогаш треба да се темелат на придобивки и за граѓаните и за државата и затоа пратениците и Собранието остануваат отворени за соработка, сугестии и предлози од сите институции во нашето општество, вели Лукаревска.
Претставниците од САД, Ирска, Полска, Романија и Хрватска информирале за системите за платежни услуги во своите држави, посочувајќи ја праксата на постојана дебата меѓу надлежните институции и членките на Европската мрежа на кредитни унии, во насока на помош, поддршка и развој на штедилниците, законската рамка на кредитните линии, но и поттикнување и унапредување на финансиската писменост на граѓаните, како и еднаквите можности за кредитирање и штедење на жените од урбаните и руралните области.
Елеонора Згоњанин Петровиќ, говорејќи во име на сите членови на ФУЛМ, истакнала дека заложбите на ФУЛМ во последниве 30 години се да им се овозможи на граѓаните еднаквост и правичност во финансиските услуги кои ги исползуваат.
– Законската рамка која и е потребна на нашата држава треба да им овозможи на граѓаните правичност во платежните услуги која се темели на правото на избор. ФУЛМ останува посветена на унапредување на своите услуги, поттикнување на финансиска писменост на граѓаните и зголемување на свесноста за буџетско планирање особено на младата генерација, вели Згоњанин Петровиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.