Во Собранието попладнево во рамки на 103-тата седница беше разгледан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиските друштва во прво читање, за кој е предложен заклучок дека е прифатлив за второ читање, а гласањето ќе биде дополнително.
Пратеникот Здраво Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се работи за продавници за пари и смета дека има потреба од дорегулирање на одредени членови во Предлог-законот. Според него, „лошо решение“ е надлежна институција за контрола врз овие финансиски друштва да биде само Министерството за финансии, туку како контролор да се вклучи и Народната банка затоа што е специјализирана институција.
– Министерството за финансии е во склоп на Владата и е политичка институција. Во праксата досега министрите за финансии 100 проценти биле политичари и доколку Министерството за финансии има исклучива контрола, тоа остава сомнеж за влијание на политика врз овие друштва, рече Трајанов.
Работата на овие друштва, која им ја овозможува законот, додаде тој, „изгледа како класично лихварство“ затоа што граѓанин кога ќе земе пари во некои од нив, на крајот сумата вртоглаво расте.
Трајанов рече дека илјадници луѓе во државава поради сиромаштија имаат блокирани сметки и се одлучуваат да позајмуваат пари и за брзи кредити „со драматично лоши услови“.
Постои спрега меѓу овие финансиски друштва и коцкарниците, додаде Трајанов, и луѓе поради неможност да исплаќаат кредити влегуваат во финансиско ропство и се уништуваат семејства.
– Без разлика на тоа што секој одлучува за своите постапки дали ќе земе пари или не, најмалку за тоа се виновни децата и затоа државата мора да преземе мерки и да реагира, истакна Трајанов.
Дополнително ќе се гласа и за Предлог-законот за нуспроизводи од животинско потекло од дневниот ред на 100-тата седница, за кој претседателот на Собранието Талат Џафери предложи заклучок дека е прифатлив да се даде на второ читање.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, побараа овој Предлог-закон да се повлече за да се усогласи со Законот за ѓубрива и во пакет да бидат на разгледување во Собранието.
Според Љупчо Димовски, Предлог-законот не е спорен, но укажа дека има мешање и поклопување на надлежностите меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и Фотосанитарната управа.
Во рамки на стотата седница без дискусија помина Годишниот извештај за работењето на Оперативно-техничката агенција за 2022.
Дневниот ред од 100-та и 103-та седница не е исцрпен, а нивните продолженија ќе бидат дополнително закажани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.