Во врска со последните актуелни енергетски теми поврзани со Предлог законот и Договорот со стратешкиот инвеститор Митилинеос, во јавноста се појавија функционери кои даваа изјави кои не соодветствуваат со реалните и вистинити податоци за кои до јавноста веќе имаме доставено бројни пресметки, велат од Здружението на инжинери на Македонија.
Согласно одредбите во Законот за стратешки инвестиции, единствени компетентни лица за давање на релевантни изјави се членовите на Комисијата, помеѓу кои е и министерот за економија.
Останатите функционери кои даваат изјави во медиумите, според Законот за стратешки инвестиции воопшто не се вклучени ниту пак се запознаени со работата на оваа Комисија. Затоа цениме дека нивните изјави и ставови, кои се без реално прикажани пресметки, а се поткрепени само со тврдења „верувајте ми“ или „јас ви гарантирам“, се ставови кои се паушални и не доликуваат на инженерска комуникација.
Затоа во продолжение ви ги доставувам нашите ставови кои се базираат на пресметки и зад кои стоиме цврсто дека се точни и прецизни.
Реалната пазарна цена на гасната електрана Митилинеос чини околу 180 -190 милиони евра за предвидените максимални 165 MWh електрична моќност, а секако не чини 290 милиони евра како што е наведено во Предлог законот. На пример, гасната електрана што Газпром ја пушти во работа во Панчево во 2022-ра година има моќност од 200 MW и чинеше 180 милиони евра. (https://www.rts.rs/lat/vesti/ekonomija/3550680/gasne-elektrane-svetski-trend-koji-je-zahvatio-i-srbiju.html).
Ако државната помош е 17% од инвестицијата, како што наведува г-динот Јован Деспотовски, тогаш државната помош треба да изнесува нешто над 30 милиони евра, а не нешто под 50 милиони евра како што е наведено во Предлог законот. Но за гасната електрана Митилинеос не смее да се дава никаква државна помош затоа што:
· Македонија се обврзува да купува од Митилинеос загарантирани количини на електрична енергија од 977 GWh годишно по цени што се од 15% до 35% повисоки од берзанските цени според HUPX берзата во Унгарија, што ќе предизвика финансиска штета за Македонија од околу 20 милиони евра годишно. Митилинеос има загарантирана маржа за електрична енергија од 38 EUR/MWh, што е околу 10 пати повисока од нормалната маржа за продажба на електрична енергија, што ќе му овозможи годишна маржа од 43,7 милиони евра.
· Македонија се обврзува да купува од Митилинеос загарантирани количини на топлинска енергија од 275 GWh годишно со загарантирана маржа од 16,2 EUR/MWh, што ќе му овозможи годишен маржа од 4,4 милиони евра.
· Македонија ќе му плаќа на Митилинеос 4 милиони евра годишно за старт на електраната.
· Митилинеос ќе има маржа од околу 52 милиони евра на годишно ниво (како збир од маржата за електрична енергија, топлинска енергија и старт на електраната), односно ќе има профит од над 40 милиони евра на годишно ниво, односно над 1,2 милијарди евра за период од 30 години колку што предвидува Предлог законот.
· Македонија, наместо Митилинеос, ќе плаќа околу 25 милиони евра на годишно ниво по 2030-та година за емисија на CO2 при производството на електрична енергија од Митилинеос.
· Ако цената на топлинската енергија од Митилинеос се намали, тогаш тоа намалување ќе се компензира со зголемувањето на цената на електричната енергија од Митилинеос.
· Македонија мора да му плати на Митилинеос 977 GWh електрична енергија дури и ако не ја преземе таа енергија, по цени што се од 15% до 35% повисоки од берзанските цени според HUPX берзата во Унгарија. Ако Македонија успее да преземе 977 GWh електрична енергија годишно, тогаш дополнително Македонија мора да му плати на Митилинеос уште 177 GWh електрична енергија дури и ако не ја преземе таа енергија, со маржа од 38 EUR/MWh, односно околу 6,7 милиони евра.
· Македонија се обврзува да му даде на Митилинеос уреден плац од 115.000 m2 во населба Железара, којшто чини околу 20 милиони евра, и за тој плац Митилинеос ќе плаќа месечен закуп од само 10 денари/m2, во што ќе биде вклучено и одржувањето и обезбедувањето на плацот.
· Намалувањето на цената на топлинската енергија коешто г-динот Јован Деспотовски го наведува не е заради придобивките од гасната електрана Митилинеос, туку е заради огромната разлика помеѓу цената на гасот според кој Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја одредила цената на топлинската енергија на 01.11.2023 и сегашната берзанска цена на гасот. Цената на топлинската енергија треба веднаш да се намали за 40% затоа што цената на топлинската енергија е одредена од страна на РКЕ на 01.11.2023 со цена на гас од 87 EUR/MWh, а берзанската цена на гасот во февруари 2024-та година е околу 30 EUR/MWh.
Ова се наши ставови добиени врз основа на пресметки кои ги имаме прикажано јавно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.