Осигурителните компании денеска ги пречекаа граѓаните со нови ценовници. Цената на полисата за автоодговорност е поскапена за 15,4 отсто. Па така наместо досегашните 5 453 денари за полиса за осигурување за 44 до 55 киловатно возило, сега треба да се издвојат 6 292 денари или 893 денари повеќе. 6 166 чинеше досега полиса за автоодговорност за возила од 55 до 66 киловати. Со промените на цените сега тоа ќе ги чини граѓаните 7 115 денари. 8 233 денари сега ќе се плаќа за полиса за автоодговорност за возило кое е од 66 до 84 киловати, ставка која досега изнесуваше 7 134 денари. За возило од 84 до 110 киловати новата цена на полисите е 9 820, а досега чинеше 8 510 денари. 15,4 отсто е и зголемувањето на цените на полисите за возила над 110 киловати, односно наместо 10 294 колку што се плаќаше досега, ќе се плаќа 11 878 денари.

За возилата до 44 киловати цените на полисите за автоодговорност остануваат исти.

Со ваквите промени на цените се менуваат и доплатоците за полисата за автоодговорност. 30% останува доплатокот за такси возила, но висината се зголемува, со оглед на зголемената цена. Истото важи и за доплатоците за рент а кар возила, за возила кои имаат над 5 седишта, возила кои се товарни, како и доплаток за осигуреникот кој се пресметува според возраста на оној на чие име гласи полисата.

Информацијата за покачување на цените осигурителните компании ја добиле во понеделникот. Биле известени од страна на Националното Биро за осигурување. Во информацијата било наведено дека новите цени треба да се применуваат од четврток, случајно или не, ден после изборите.

Од Осигурителните компании велат дека зголемувањето на цената е оправдана, со оглед дека цената на авто деловите е поскапена. Но нема одговор зошто граѓаните не беа информирани за ваквите промени.

Осигурувањето од автомобилска одговорност е задолжително осигурување согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. Со ова осигурување се покрива одговорноста на сопственикот за штети причинети на трети лица кои за последица може да имаат смрт, повреда, нарушување на здравјето, оштетување и уништување на предмети. Цената за осигурувањето од автоодговорноста ја утврдува Комисија за автоодговорност при Владата на Република Македонија. Владата на Република Македонија носи одлука за висината на минималната и максималната техничка премија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.