Поевтина електрична енергија за туристичкиот сектор и да им се помогне на оние што сакаат да работат, тие што најмногу давале во државниот буџет. Тоа би биле дел од мерките, кои директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски очекува да се прифатат за помош на туристичкиот сектор во државата, со цел ублажување на последиците од енергетската криза.

Треба да се помогне во туристичката индустрија на тие кои работеле и прометно влеале поголем данок. Не се откажуваме од оние кои на некој начин кубурат и се уште не се вратиле од шокот од пандемијата, но тоа не треба да ни биде изговор за можеби нашите недостатоци кои овие две години не успеавме да ги надминеме. Треба да дадеме на тие што сакаат да работат и да вратат во самиот буџет. И во 2022 година покажавме дека имаме голема сива зона во туристичката индустрија. Таа не може да помогне на никого, изјави Јаневски.

Одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на првата работилница од ИПА 2 проектот во рамки на Интеррег ИПА ЦБЦ програмата за меѓународна соработка „Грција – Република Севрна Македонија 2014 -2022“, нагласи дека пандемијата го направила своето во однос на кризата во туристичкиот сектор, но очекува идната година да се надминат резултатите од 2019 година. Очекува бизнисот да предложи потребни мерки, кои преку Советот и Агенцијата ќе бидат проследени до Владата за да се помогне во туристичката индустрија.

Тоа што можеби требаше да го правиме пред неколку години сега ни се врати како бумеранг. На Охрид и на Струга повеќе нема да им недостасуваат зелени хотели. Соларните панели веќе се местат, но тие можеа да се наместат и малку порано, но можеа и малку подоцна, истакна Јаневски.

Забележа дека на охридско-струшката ривиера поголем дел од хотелите се закупени за семинари и конгреси, но и дека некои капацитети биле целосно закупени за новогодишните празници.

Можеби цените ќе треба да се ревидираат затоа што во нив ќе треба да биде вкалкулирана висината и на одредени други енергенси. Очекувам со туристичкиот сектор заеднички да продолжиме да работиме и преку Советот на Агенцијата и преку коморите и да донесеме сет мерки кои ќе овомозжат полесно туристичкиот сектор да ја преброди зимата. Не очекувам драстично затворање на хотелските капацитети бидејќи тоа негативно ќе се одрази воопшто на имиџот на дестинацијата, нагласи директорот на АППТ.

Пензионираниот професор Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство забележа дека сите сектори се во тешка состојба со енергетската криза, но оти туризмот и угостителството се најекспонирани во тој поглед.

Општата мобилност ќе се намали, а енергетската криза ќе ги засегне сигурно хотелиерите и угостителските работници воопшто. Приоритетно е сега да се интервенира во овој сектор за да можеме да дадеме пас за наредниот период, идните години кога претпоставувам дека ќе имаме благосостојба во меѓународните односи. Засега е многу проблематично бидејќи имавме криза зад криза и тоа практично го уништи целиот овој сектор, изјави Мариноски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.