Десната лента од автопатската делница Катланово – Петровец на Коридорот 10, која 4-5 години е затворена за сообраќај, ќе биде пуштена за сообраќај до крајот на овој месец, соопштува министерството со кое раководи Благој Бочварски.

Министерот за транспорт и врски денеска излегол на терен и констатитал дека асфалтерските работи се во завршна фаза.

Во соопштението испратено до медиумите се наведува дека денеска се поставувал завршниот слој на асфалт, а во следниот период ќе се поставува заштитната ограда и сообраќајната сигнализација.

Инвестицијата за рехабилитација на автопатската делница во должина од 11 километри изнесува 6,2 милиони евра. Покрај рехабилитацијата, автопатот ќе се прошири и со уште една дополнителна лента за застанување.

По изборот на новиот изведувач градежните активности ја имаат потребната динамика и комплетно автопатската делница се очекува да биде завршена во рамките на рокот предвиден во договорот, односно до декември оваа година.

„Од денешниот увид се уверивме дека градежните работи се одвиваат со силна динамика. Надзорот и изведувачот не информираа дека десниот коловоз ќе биде завршен за 20-тина дена, со што ќе се постави сигнализацијата и комплетно ќе биде пуштен за сообраќај. Претходно имавме проблеми со слабата реализација, но со изборот на новите изведувачи, сликата комплетно е сменета и оваа делница очекувам комплетно да ја пуштиме за сообраќај до крајот на годината. Ова е многу важна алка од Коридорот 10 бидејќи претставува главна патна врска за граѓаните на Македонија.“ – изјави министерот Бочварски.

ЈП за државни патишта е во постојана координација со надзорот и со изведувачот заради навремено завршување на овој проект, потенцираше директорот Рустеми.

„Со цел да се подигне нивото на безбедноста на учесниците на сообраќајот отпочнавме со рехабилитација на левиот и десниот коловоз кои ќе бидат проширени со уште една лента со што ќе се добие комплетна автопатска делница по сите стандарди. Проширувањето се одвива во внатрешниот зелен појас на автопатот со цел да се избегне дополнителна експропријација. Работите се одвиваат со засилено темпо и очекуваме дека до крајот на годинава како што е предвидено со договорот ќе се испочитува рокот за градба.“ – изјави директорот Рустеми.

Обновата на автопатот Петровец-Катланово, чија реконструкција започна во септември 2020 година, е турската компанија „Макимсан“. Најновото владино ветување е дека високофреквентната делница меѓу Скопје и Велес ќе биде готова до крајот на годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.