Постапка за денационализација и големиот број на поплаки кои ги добиле биле загрозени поради игнорирање и нерешавање на предмети за денационализација повеќе години наназад, изјави дополнителната заменик-министерка за финансии, Елена Петрова, која на прес-конференција информираше за функционирањето на Министерството за финансии.

Таа потенцираше неколку проблеми на кои, како што рече, наишла досега, а помеѓу кои е и постапката за денационализација.

– Воопшто не ме зачудува оваа состојба, имајќи предвид дека наместо стручни лица, како што се правници и геометри кои треба да одлучуваат по барањата за денационализација и да вршат увид на имот кој може да се врати во сопственост, во Комисиите се назначени економисти, информатичари и други лица без соодветна стручност.

Друг проблем на кој наишла, како што дополни, е неисплатениот надоместок за членовите на комисиите кои одлучуваат по барањата за денационализација, од месец јануари 2023 година наваму.

– Од овие причини членовите на комисиите до Министерството за финансии доставуваат опомени пред тужба, за кои постои голема веројатност да завршат со пресуди со кои МФ ќе биде задолжено со енормни трошоци за камати, судски трошоци, адвокатски трошоци и трошоци за извршители. Претпоставуваме дека ова е една од причините поради кои не се решаваат предметите за денационализација, поради незадоволството на членовите на комисиите на кои со решение на министерот им е определен надоместок за оваа дополнителна работа надвор од редовните работни задачи, но истиот не се исплаќа, образложи таа.

При теренските посети во одредени подрачни единици на Управата за имотни правни работи таа рече дека увиделе дека во најголем дел подрачните единици немаат елементарни услови за работа, а во врска со Управата за имотно правни работи, сподели дека наместо да се занимаваат со решавање на проблемите во остварувањето на функциските надлежности, имале специјални барања за затемнети стакла на службени возила и службени картички.

Според Петрова, администрацијата не ги испорачува потребните услуги на граѓаните заради кои и постои, се функционира на начин во кое нема грижа за што се прават трошоци – дали тоа се неповратно потрошени средства или трошоци кои ќе создадат дополнителни бенефити и олеснување на работењето, нема контролни механизми на оперативното работење, нема суштинско раководење и нема визија, план ниту конкретни активности како треба да се оптимизира функционирањето на институциите за да биде поефикасно.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.