Во рамки на кампањата на Владата на Република Македонија „Европска иднина, поблиску од кога било“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска, 20.12.2023 година (среда), организира панел-дискусија посветена на земјоделството на тема: Како интеграцијата во ЕУ ги зајакнува македонските земјоделци. Панел-дискусијата ќе се одржи во Хотелот „Александар Палас“, Скопје, со почеток во 18:00 часот.

Воведно обраќање ќе има министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Покрај Николовски на панел-дискусијата ќе учествуваат и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, Кирил Ристовски од Секторот за управување со претпристапни фондови на ЕУ за рурален развој (ИПАРД) при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Ненад Стојанов, управител на УНИ АГРО ДОО Велес.

На панел-дискусијата ќе бидат презентирани резултатите постигнати во земјоделството, руралниот развој, производството и пласманот на македонските земјоделски производи на европскиот пазар преку искористувањето на средствата од ИПАРД програмата. Покрај тоа, присутните ќе имаат можност да добијат и насоки за поефективно реализирање на финансиите што се на располагање преку фондовите на Европската Унија.

Кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“ има за цел да истакне придобивки од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ за граѓаните на Македонија. Исто така, кампањата ќе овозможи и подобро разбирање на реформите врзани со евроинтеграциите и приближување на европските вредности.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.