Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа првата седница на Управниот Одбор на Национална рурална мрежа (НРМ). Со тоа се заокружи процесот на верификација на членството на Рурална мрежа и едногласно се усвои  Деловодникот за работа

Националната рурална мрежа е нова платформа финансирана од буџетот на Руралната програма на МЗШВ, креирана по европски терк, со целосна вклученост на членството во нејзиното управување. Платформата е алатка за информирање која на едно место им нуди на земјоделците информации за сите мерки и активности кои им се ставени на располагање.

Зачленувањето и членството во Националната рурална мрежа е доброволно и бесплатно за сите граѓани, кои вршат одредена дејност во руралните средини, за сите компании, за сите органи на јавниот сектор и за сите други облици на организациона форма кои делуваат во оваа област.

Досега се зачлениле скоро триста членови (296) што е одличен резултат за само два месеци, меѓу кои има научно образовни институции, единици на локалната самоуправа, трговски друштва, земјоделски, граѓански и земјоделски здруженија, земјоделски задруги и ЛАГови.

Овој податок зборува дека има голем интерес од агросекторот, а најголемата потврда за ова ќе ја добиеме по објавувањето на првиот јавен повик за поднесување на барања за предлог активности за спроведување на акцискиот план на НРМ за 2023, кој треба да биде објавен на 13 март.

Министерството ги повикува сите заинтересирани кои до сега не се зачлениле да го сторат тоа што побрзо, бидејќи по отворањето на повикот страната нема да прифаќа нови зачленувања додека трае повикот.

Националната рурална мрежа ќе дејствува во сите рурални подрачја, на целата територија на Република Македонија, со цел да се подобрат условите за целосен и рамномерен развој, зголемување на квалитетот на животот на секој поединец по пат на вмрежување и создавање на партнерства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.