Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со директорот на Платежната агенција Никица Бачовски престојува во дводневна посета на Хрватска.

Во рамки на посетата одржана е средба со хрватската министерка за земјоделство Марија Вучковиќ и директорот на хрватската Платежна агенција Антун Вујиќ. На средбата е разговарано за зголемување на трговската размена меѓу двете земји и за ефикасно искористување на европските фондови за нови инвестиции во земјоделството и руралниот развој.

Хрватската министерка Вучковиќ ги пренела нивните искуства за трансформацијата на ЈП „Хрватске шуме“ во државна компанија „Хрватске шуме ДОО“ и понудила соработка преку заеднички тимови кои ќе работат на исполнување на барањата за пристапните преговори на Македонија кон европското семејство. Договорено е во наредниот период да се интензивира соработката со хрватски експерти со оглед дека Хрватска е земја членка на Европската Унија.

– Искуството на хрватските колеги во агросекторот ќе биде од голема помош за пренесување на нивните искуства во областите на земјоделството и руралниот развој, безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика, рибарство и аквакултура. посочуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерката Вучковиќ и министерот Николовски го отвориле и 24-то издание на Бјеловарскиот „Пролетен меѓународен саем за земјоделство, сточарство, стопанство и занаетчиство“ којшто ќе трае до недела.

Саемот има долгогодишна традиција, а Македонија за прв пат е земја партнер. На саемот присуствуваат над 400 изложувачи од 11 држави меѓу кои има и шест македонски компании кои се претставуваат на посебен изложбен простор.

– Саемските манифестации се многу значајни за економијата и токму затоа македонското Министерство за земјоделство, од својот буџет издвојува средства за поддршка на 50 локални манифестации како и за најзначајните меѓународни саеми. Со наша поддршка, македонските компании имаат можност да ја претстават Македонија во странство. Тоа придонесува да се отворат нови пазари, се градат нови бизнис релации, нова меѓународна соработка но и едукација, размена на искуства и знаења, откривање на нови можности и нови технологии, велат од ресорното Министерство.

Министерот Николовски на отварањето на саемот ги повика посетителите да го посетат македонскиот штанд и да се запознаат со македонските брендови.

– Ја користам оваа можност да ве поканам сите, да го посетите македонскиот изложбен простор и да се запознаете со македонските брендови, а преку нив да ја почувствувате енергијата и сонцето на мојата земја. Ве поканувам да вкусите македонски вина, сувомеснати производи, сушен македонски зеленчук, македонски ајвар и прочуениот македонски црвен пипер „Буковка“. Искрено се надевам дека тоа ќе биде дополнителен мотив да ја посетите Македонија и да уживате во сите убавини со кои не дарувал Бог, рекол Николовски на отворањето на саемот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.