Износот на К-15 е различен секоја година и зависи од движењето на просечната нето и бруто плата во државата.

Но, што покажуваат бројките на Управата за јавни приходи, колку газдите се дарежливи кога станува збор за исплата на К-15? Порталот „Пари“ откри кои се највисоките, но и најчесто исплатени суми лани и како досега се одвива исплатата на регресот за годишен одмор за 2022-ра година? Притоа мора да напоменеме дека пресекот на бројките за 2022-ра година е 20 декември, што значи дека бројките за годинава ќе претрпат одредени измени бидејќи дел од компаниите исплаќаат регрес до 31 декември.

Во 2021 година највисокиот исплатен регрес верувале или не бил во висина од  2.077.067 денари, односно 33.780 евра. По највисоката исплатена сума на К-15 следуваат исплати од 310.000 денари (5.040 евра), потоа 300.000 денари (4.878 евра). Следните суми кои се исплатени како регрес за годишен одмор се 186.000 денари (3.024 евра) и 180.000 денари (2,926 евра).

Овие суми на К- 15 се исплатени во дејностите: товарен патен транспорт,  истражување на пазарот и испитување на јавно мислење, сметководствени книговодствени и ревизорски работи и  даночно советување, компјутерско програмирање, трговија на мало со цвеќе садници.

Во 2022 година, пак, највисокиот износ на исплатен К- 15 до 20 декември изнесува  610.000 денари(9.918 евра),  потоа следуваат исплати по 323.942 денари (5.267 евра), 279.000 денари(4.536 евра),  258.333  денари (4.200 евра) и исплата од 240.000 денари (3.902 евра).

Највисоките суми на К-15 и годинава се исплаќани во речиси слични дејности: истражување на пазарот и испитување на јавното мислење, товарен патен транспорт, сметководствени книговодствени и ревизорски работи, градежно занаетчиски дејности  и изградба на станбени и нестанбени згради.

Од Управата за јавни приходи напоменуваат дека овие податоци се извадок од системот е-ПДД каде што исплатувачите го специфирале овој вид доход при исплата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.