„По конструктивна дебата со најголемите супермаркети во земјава заеднички се согласивме дека има простор за намалување на цените на основните прехранбени производи и како добра воља и како општествено одговорни компании тоа го прифатија“ кажа министерот за економија Крешник Бектеши по денешниот работен состанок со претставници на најголемите супермаркети во државата.

Како што појасни министерот Бектеши, станува збор одлука за намалување на цените на над 50 основни прехранбени производи од кои 90 посто се даночат со 5% ДДВ, а останатите со 10% ДДВ. Одлуката  ќе биде предложена на следната седница на Владата и ќе предвидува  цените да се намалат за минимум 10%.

„Министерството за економија работи на дополнителни мерки кои ќе бидат насочени и кон дистрибутерите и кон производителите на основни прехранбени производи со кои ќе имаме дополнителен состанок, но најважно од се дека потрошувачите нема да се чуствуваат измамени“ кажа Бектеши и најави дека Министерството за економија, следната недела, освен одлуката за намалување на цените на основните прехранбени производи, ќе направи измени и дополнувања на Законот за ДПИ, со кои ќе се зголемат ингеренциите на ДПИ и тие ќе можат да постапат веднаш без да поминат одредени постапки, односно инспекторите ќе можат да постапуваат поекспедитивно.

„Следната недела ќе биде готов и Законот за нефер трговски практики каде што ќе се укинат, речиси над 20% од одредени давачки во ланецот трговија, почнувајќи од производство до трговија, што дополнително ќе влијае во намалување на цените во малопродажба“ кажа Бектеши.

Министерот потенцираше дека Министерството ги следи движењата на цените и во другите сектори и фазно ќе оди со намалување на цените и во другите сектори ако има нарушување во делот на утврдување на цените.

“Прехранбената индустрија е во првата фаза бидејќи се забележува нелогично зголемување на цените на прехранбените производи. Одлуката за забрана за акции и промоции на производи би требало да стапи на сила до крајот на неделата, а на маркетите ќе им биде дозволено акциски да ги намалат цените само на производите на кои им истекува рокот. Во спротивно доколку спроведуваат акциски продажби до 30 ноември ќе им следат санкции“ кажа министерот Бектеши.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.