Следниот вторник во Будимпешта ќе биде потпишан договорот за унгарскиот кредит во висина од 500 милиони евра. Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска денеска изјави дека на 8 октомври патува за Будимпешта.
– На 8 октомври заминувам и тој ден ќе се потпишува кредитот во Будимпешта, Очекувам до крајот на следната недела парите да легнат на буџетските сметки, изјави Димитриевска-Кочовска во изјава за медиумите во Штип.
Заемот од Унгарија, Мицкоски го договори со унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон. Условите под кои е земен кредитот, како што информираше неколкупати досега премиерот, се поволни – 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата.
Законот за унгарскиот кредит на 17 септември беше донесен во Собранието.
Половина од парите од кредитот ќе одат за бизнис секторот, а половина за проектите за општините.
На јавниот повик што го распиша Министерството за локална самоуправа пристигнати се 357 апликации од 80 општини.
– Нашите очекувања во целост се исполнија. Во оваа прва фаза општините ќе ги подржиме со близу 100 милиони евра, а веќе од следната година ќе бидат достапни нови 250 милиони евра за кога е планиран и нов повик. Сега се на ред ресорните министерства. Во рок од 10 дена целосната проектна документација од страна на општината треба да се достави до ресорното министерство од областа на проектот, кое ќе врши евалуација на проектот. Се очекува евалуацијата да заврши во рок не подолг од 10 дена по што ресорните министерства треба да изготват предлог-одлука кои проекти ќе се финансираат од нивната област и да ја достават на усвојување на владина седница, истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција во Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.