Шестото издание на Светски ден на вранецот ќе се одржи денеска во Националната опера и балет во организација на Здружението „Вина од Македонија“.

На отворањето на настанот во 18:30 часот, свое обраќање по повод Светскиот ден на вранецот и 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Јапонија, ќе имаат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, амбасадорот на Јапонија, Казуја Оцука, Светозар Јаневски, претседател на Здружението „Вина на Македонија“ и Елена Младеновска, извршен директор на „Вина на Македонија“.

Во рамки на манифестацијата, специјален концерт ќе одржи минатогодишниот „Амбасадор на вранецот“, Казухиро Котетсу, кој е основач на Токискиот камерен оркестар „Вранец“.

Дел од манифестацијата е и вранец винскиот салон, каде ќе се истакнат најдобрите македонски и регионални вранец вина, додека, посетителите ќе добијат шанса за дегустација и вмрежување.

Главен поддржувач на настанот е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а оваа година, на организацијата се приклучува и Јапонската амбасада, која ја прославува 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Јапонија, како и Министерството за култура и туризам.

Иако вранецот традиционално се поврзува со Црна Гора, оваа сорта е широко распространета низ целиот балкански регион. Во Македонија, таа зазема најголема површина, претставувајќи околу 50 проценти од вкупните лозови насади и речиси 70 отсто од сите црвени сорти.

Вранецот е основа за производство на суви вина со уникатен и препознатлив вкус, кои го симболизираат винскиот идентитет на Балканот. Вината од оваа сорта се меѓу најнаградуваните на престижните светски вински натпревари, што дополнително го истакнува нивниот растечки углед.

Светскиот ден на вранецот има за цел да ја интернационализира оваа уникатна сорта, да го популаризира нејзиниот исклучителен квалитет и карактеристики пред винската елита ширум светот и да го позиционира вранецот сѐ повисоко на светската винска мапа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.