Инвестициските планови на Владата за развој на инфраструктурата и модерни инфраструктурни системи, се очекува да ги претстави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски за време на неговото учество на вториот „Форум за поврзување во Југоисточна Европа“ (Southeast Europe Connectivity Forum) што денеска и утре се одржува во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од неговиот кабинет, Николоски за време на учеството, посебен акцент ќе стави на изградба на патната мрежа и брзата пруга на Коридор 10 како предуслов за поквалитетно поврзување со пристаништето во Солун и брз транспорт на добра и услуги.
Според официјалната агенда, министерот ќе учествува на дискусија со претседателот на Грчката бизнис-асоцијација во Македонија.
-Меѓу говорниците кои присуствуваат се Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт на Македонија и Арис Влахос, претседател на Грчката бизнис-асоцијација во Македонија и се очекува да ги анализираат перспективите на комбинираниот транспорт во Југоисточна Европа. Од особен интерес е учеството на министерот за инфраструктура и транспорт, Христос Стајкурас, во однос на улогата на инфраструктурата како катализатор за економскиот развој на регионот, соопштија организаторите во најавата за форумот.
На маргините на форумот, предвидено е Николоски да оствари билатерални средби со министерот за инфраструктура и транспорт на Грција Христос Стајкурас, со министерот за поморство и островска политика Христос Стилианидис, како и со извршниот директор на Солунското пристаниште Јоанис Царас.
Организаторите соопштија дека „во ера на брзи геополитички и економски случувања, поврзувањето во поширокиот регион на Југоисточна Европа е катализатор за економски и одржлив развој“, а форумот има за цел да ги истакне клучните аспекти на иднината на транспортот и инфраструктурата во регионот.
-Со оглед на тоа што инвестициите во инфраструктурата се клучен двигател на растот, овогодишниот форум се фокусира на прашања поврзани со поморството, комбинираниот транспорт и зелената транзиција. Бидејќи земјите од Југоисточна Европа се соочуваат со сериозни макроекономски предизвици, потребата за засилена соработка и стратешки инвестиции во инфраструктурата е понеопходна од кога било, соопштија организаторите.
Дополнително додадоа дека дискусиите и насоките од форумот се очекува да ги обликуваат разврските во транспортот и инвестициите во регионот, создавајќи нови перспективи за развој и регионална соработка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.