Нови меморандуми за соработка помеѓу македонската и корејската Царина во рамки на коишто на Царинската управа на РС Македонија како лидер во регионот и се овозможува пристап до нов фонд до 10 милиони долари за развојни проекти, беа потпишани во седиштето на Царинската служба на Република Кореја во Сеул. Од македонска страна, меморандумите беа потпишани од страна на директорот на Царинска управа, Стефан Богоев, кој е во дводневна посета на Царинската служба на Република Кореја, што се реализира во рамки на неодамнешниот потпишан Меморандум за соработка со што на македонската Царина и беа доделени 4,8 милиони долари грант за развој и имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад.

„Користењето на вештачка интелигенција за селекција на сомнителни декларации од базата на податоци е во насока на прибирање повеќе приходи во Буџетот како и сузбивање на криминалот и корупцијата. Воспоставувањето на овој систем ќе овозможи подобро таргетирање декларации во коишто постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката“, истакна Богоев.

Во рамки на посетата од страна на експертите од корејска Царина беше презентиран како функционира во пракса тамошниот систем за анализа на ризик преку користење вештачка интелигенција и управување со големи сетови на податоци.

Воедно беше презентиран и информатичкиот систем за обработка на царинските декларации, како и софтверските решенија за обработка на увозот и извозот на мали пратки во е-трговијата.

„Размената на искуства во делот на е-трговијата е значајна во креирањето политики се со цел унапредување на царинскиот третман во овој дел, како и поголема заштита на финансиските интереси, но и зајакнување на безбедноста на малите пратки“, потенцира Богоев.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.