Либерално-демократската партија повикува на итно усвојување на измените на Законот за платежни услуги и платни системи по скратена постапка, со цел заштита на граѓаните кои секојдневно ги користат услугите на банките. ЛДП вторпат ги поднесува овие измени, откако веќе еднаш минатата година поднесе иницијатива за истото прашање.

Оттаму велат дека според последните анализи, добивката на банките во вториот квартал од оваа година е зголемена за 35,3% во споредба со истиот период минатата година.

– Истовремено, граѓаните се соочуваат со високи банкарски трошоци и провизии за услуги од секојдневието, како што се одобрување кредити, тековно одржување на сметки, проверка на состојба на трансакциска сметка, па дури и повлекување готовина од друга банка. Иако овие прашања делумно се предмет на интерната политика на банките, потребна е законска регулатива која ќе ги заштити граѓаните и ќе воведе поголема транспарентност и праведност во работењето – посочуваат од ЛДП.

Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, нагласува дека со измените на Законот што беа поднесени минатата година, се предвидени конкретни мерки за регулирање на банкарските провизии, како и воспоставување на правна рамка за ограничување на трошоците кои банките ќе можат да им ги наметнуваат на граѓаните.

– Ако ова успееме да го оствариме, очекуваме видливо подобрување на општествената финансиската стабилност и правичност – смета Зајкова.

Измените на законот предвидуваат укинување на плаќањето надоместоци за затворање на сметка, укинување на трошоците за повлекување пари од други банкомати, онлајн плаќања и проверка на сметки, намалување на трошоците за подигнување на кредити и други предлог мерки за заштита на граѓаните во процесите на банкарското работење.

Таа повторно упати апел до сите пратеници од партиите во македонското собрание да гласаат и да го поддржат овој предлог-закон, со единствена цел – обезбедување праведен банкарски систем и заштита на интересите на граѓаните.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.