Се грижиме за сите, донесовме нов пакет антикризни мерки, 9-ти по ред, во вредност од 662 милиони евра  за поддршка на ранливи  граѓани,  ученици, студенти, пензионери, граѓани – корисници на социјална помош, граѓани со посебни потреби, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании, потенцираше на денешната трибина „Повеќе за сите“ претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

– Со овие мерки се опфатени 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата мој ДДВ, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании. Пакетот содржи и системски мерки со кои за 2023 и 2024 година се опфатени  над 338.000 пензионери и 106 000 вработени во јавен сектор. Ветив дека никој нема да биде оставен сам и никој не е оставен сам, рече Ковачевски.

Со овој последен пакет мерки, 105.000 ученици во основното образование и средношколци, во наредните 6 месеци ќе добиваат финансиска помош по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно. Дополнително, 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари, за наредните 7 месеци,  додаде Ковачевски објаснувајќи ги дел од мерките.

Опфатени се и корисници на надоместок заради попреченост, самохрани родители – корисници на гарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 години, кои користат посебен додаток, на кои ќе им се исплаќаат по 2.000 денари во период од 5 месеци.

Владата предводена од СДСМ обезбеди финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари во приватните компании.

-Во следните 5 месеци, пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно. А за истиот период од 5 месеци, предвидена е и финансиска помош од по 2.000 денари за пензионерите со пензии од 14.000 до 16.000 денари и по 1.500 денари за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на трибината „Повеќе за сите“ во Аеродром.

Ковачевски: Европскиот концепт на СДСМ значи поголеми плати и пензии, подобар животен стандард и членство во ЕУ

Европскиот концепт на СДСМ значи поголеми плати и пензии, подобар животен стандард и членство во ЕУ, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски на денешната трибина „Повеќе за сите“ во скопски Аеродром.

-Од едната страна имаме европски концепт предводен од СДСМ кој значи поголеми плати и пензии, подобар животен стандард и членство во ЕУ а од другата страна има антиевропски концепт на ДПМНЕ и Левица кој води во ќорсокак и враќање назад во економска стагнација и изолација.И ова се факти. Никој не може да ги оспори, рече Ковачевски.

Овие политики кои обезбедуваат подобар животен стандард на патот кон Европската Унија, граѓаните ќе ги поддржат и на наредните избори, додаде тој.

-Антиевропскиот концепт го чека пораз од граѓаните затоа што граѓаните не сакаат неизвесност и враќање назад туку напредок и сигурна иднина. Повеќе за сите е нашата визија за европска иднина. Со ДПМНЕ не само што има помалку за граѓаните, за народот, има помалку и за државата а што е најлошо нема иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски попладнево во Аеродром.

За околу три и пол години, донесовме пакети антикризни мерки во вредност од  над 2 милијарди евра за граѓаните и за стопанството, ланскиот пакет антикризни мерки во висина од 760 милиони евра, беше оценет од Светска банка како најголем во регионот, потенцираше Ковачевски.

-Со сите мерки досега спасени се повеќе десетици илјади работни места, финансиски поддржавме ранливи категории граѓани, пензионери со ниски пензии, поддржавме плати за вработените, поддржавме занаетчии, самостојни уметници, радиодифузери, овозможивме поволни кредити за уметници, компании, овозможивме поволни кредити и за приватниот и за јавниот сектор. Од независноста до денеска немало толку голема финансиска поддршка за граѓаните и компаниите. Особено сум горд на тоа што успеавме и покрај сите предизвици, рече Ковачевски на трибината „Повеќе за сите“ во Аеродром.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.