Економско-социјалниот совет на денешната конституивна седница ќе ги разгледа барањата на социјалните партнери по што се очекува да се донесат заеднички одлуки и мерки. Ова во изјава за медиумите го истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши по потпишувањето на спогодбата за основање на новиот Економско-социјален совет.
Економско-социјалниот совет е свикан денеска, а за претседател е именуван министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Од Сојузот на синдикати на Македонија и од Организацијата на работодавачи на 1 октомври кога се одбележуваа 100 дена од работата на Владата изразија очекување дека наскоро ќе биде свикана седница на ЕСС.
– Ќе ги слушнеме барањата и од синдикатите и од работодавачите, односно од сите засегнати страни и на крај ќе донесеме заеднички одлуки и мерки бидејќи сите страни имаме една цел, а тоа е подобрување на стандардот на нашите граѓани. Ќе се разгледуваат сите барања кои ќе бидат поставени на денешната седница, потоа официјално ќе бидат дадени на Економско-социјалниот совет и на наредните седници се очекува да се разгледуваат и ќе се донесат заеднички одлуки, рече Дурмиши.
За Владата, како што посочи министерот, е од клучно значење транспарентниот социјален дијалог, најавувајќи дека сите одлуки, мерки и закони ќе се носат транспарентно, а во рамки на Економско-социјалниот совет ќе ги слушнат сите засегнати страни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.