Претставници од граѓанскиот Одбор за заштита на животна средина во Кочани доцна попладнево организираа блокада со возила пред влезот на компанијата „Пејпер мил”.
На тој начин ги продолжуваат секојдневните двочасовни протести за да го свртат вниманието на пошироката јавност поради нерешавањето на проблемот со загадувањето на воздухот, а за што меѓу причинителите ја посочија фабриката за хартија.
– Во изминатите три недели секојдневно го блокиравме влезот на „Пејпер мил”, а сега протестите ги прошируваме и на улицата што води кон фабриката, затоа што гледаме дека надлежните институции воопшто не се обѕираат на нашите барања. За нас, единствен начин производниот процес да продолжи според еколошки стандарди е да се користи метан како енергенс. Откако фабриката го прекина производството поради некаква реконструкција, веќе втор ден параметрите што се јавно достапни покажуваат драстично намалување на загаденоста на воздухот во Кочани. Тоа е доказ дека чадот од фабричкиот оџак има огромно влијание врз нарушувањето на нашата животна средина, истакна Воислав Пејов од граѓанскиот одбор.
Присутните на протестот најавија дека блокирање со возила на улицата пред „Пејпер мил” ќе организираат и утре. За в сабота напладне е закажан голем граѓански протест под мотото „Кочани сака чист воздух, придружи се и ти”, на кој ќе упатат уште еден повик до надлежните за конкретни мерки за заштита на здравјето на над 40 илјади жители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.